Во услови кога новото раководство на АД ЕСМ се бори да ја надмине досега најголемата криза од своето постоење, затекната и директно создадена од доскорешните раководства на ДУИ и на СДСМ, опозицијата излегува со обвинувања кои немаат допирна точка со реалноста. Компанијата во целост ги отфрла наводите за „криминал“ , изнесени на денешната прес конференција на ДУИ, велат од ЕСМ.
„За појаснување, се работи за јавен повик за ангажирање на браварско заварувачки услуги по потреба, предвиден од претходното раководство на РЕК Осломеј во Годишниот план за јавни набавки за 2024 година. Станува збор за ангажирање на работна сила за извршување специфични зафати и за одржување на техничко технолошкиот процес во термоелектраната. Потребата за нивно ангажирање преку јавен оглас се спроведува со децении наназад , затоа што комбинатот не располага со таков кадар. За да биде иронијата поголема, оваа јавна набавка е објавена и реализирана во време кога со комбинатот раководеа Стојан Мицкоски и Неџбедин Нуредини, кадри на СДСМ и на ДУИ. Јавниот повик е објавен на 3 јуни годинава преку Електронскиот систем за јавни набавки, додека јавното отворање на понудите е спроведено на 10 јуни. Евалуацијата на пристигнатите понуди и изборот на најповолна понуда е извршен на 19 јули годинава. Да потсетиме, целата постапка заедно со изборот на најповолна понуда се во период кога во АД ЕСМ и во РЕК Осломеј раководеле кадрите на ДУИ и на СДСМ“, дополнуваат од ЕСМ и додаваат:
„Во врска со индициите кои ги има АД ЕСМ за постапките на одредени лица од претходните раководства се информирани соодветните државни институции со цел да се испитаат истите и врз основа на тоа да се побара одговорност од оние кои ги прекршиле законите. Така што, најмалку што ДУИ треба да коментира е енергетиката. Апелираме опозицијата да се воздржи од паушални обвинувања кон АД ЕСМ поради добивање ситни политички поени. Компанијата во моментов поминува низ постапка на консолидација која е врвен приоритет кон одржување на стабилен и доверлив електро енергетски систем“.