Димитриевски: Граѓаните на Македонија денеска живеат сиромашно, корупцијата е на највисоко ниво, Движењето ЗНАМ ќе понуди и донесе решенија

maksim_dimitrievski_23432423
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

„Движење ЗНАМ – За наша Македонија е произлезено како иницијатива од граѓаните. Ние тргнавме со една општа граѓанска и непосредна иницијатива на локалните избори во Куманово со концептот За наше Куманово и по тој пример најдовме истомисленици низ Македонија, и се формираа уште девет такви граѓански здруженија. Иницијаторите се сите претседатели на овие здруженија од Македонија и дополнително сите оние граѓани коишто беа во салата на настанот за што сум им благодарен за енергијата којашто таму се почувствува. Македонците и граѓаните на Македонија денеска живеат сиромашно. Дополнително, корупцијата е на највисоко ниво и едноставно нема излез од оваа ситуација, за што и токму Движењето ЗНАМ – За наша Македонија ќе понуди и донесе решенија за промена на оваа состојба во државата”, вели во вечерашното гостување во „360 степени” градоначалникот на Општина Куманово и еден од иницијаторите за формирање на Движењето ЗНАМ, Максим Димитриевски.

ЗНАМ ќе биде центар кон лево, партија којашто првенствено се формирала од граѓаните и ќе работи за граѓаните, а постапките за формирање политички субјект ќе бидат во текот на оваа недела. Дел од ставовите во јавноста коишто ги искажува Димитриевски, но ги делат и останатите членови на ова движење се десничарски, на што тој порачува дека сите политички субјекти во државата неопходно е да имаат десничарски ставови кога се работи за националните прашања на државата.


„Се импутира национализмот но многумина не ја разбираат суштината на национализмот. Јас сум човек којшто има патриотски чувства, сметам дека Македонија е загрозена како никогаш досега по однос на својот идентитет, а доколку не постои идентитетот и јазикот, не постои ниту државноста и ние сме едни од ретките држави на коишто се обидуваат да и импутираат мултиетничка држава како уредување а не мултиетничко општество”, појаснува тој.

На прашање поврзано со спорот со Бугарија и неговите јасни реакции во јавноста, Димитриевски беше запрашан дали на ист начин реагира на негирања од други соседи, на што тој одговори дека како градоначалник на Општина Куманово гради и одржува пријателски односи со сите држави соседи на Македонија, вклучувајќи ги и Бугарите, но негирањето на македонската историја, јазик, идентитет и култура се недозволиви за него.

„Вчера имав пријатели од Бугарија на гости. Со народот во Бугарија немаме никаков проблем, ние имаме проблем со политиките коишто во континуитет доаѓаат од официјална Софија и се немаат променето ниту еден милиметар од 1948 па наваму. Не можеме да дозволиме некој да ни ја менува историјата, не можеме да дозволиме некој да ни ги ревидира ставовите и не можеме да дозволиме некој да не убедува дека ние имаме заедничка историја. Македонија има своја историја којашто ја креирале нашите предци. Такви сме биле какви што сме биле во историјата и резултатот на таквото делување е денешната наша историја. Но исто така и обврските коишто ги презема нашата страна се многу поголеми во делот на зголемување на ризиците за губење на идентитетот, македонскиот јазик, македонската култура и општо македонизмот”, вели тој.

 

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK