Добро е што новата Влада го продолжува она што го започнавме, бидејќи овие проекти не се ни мои, ни ваши, ни наши туку единствено на сите граѓани на Македонија. Ова го истакна поранешниот директор на ТИРЗ, Јован Деспотовски откако денес во Технолошко- индустриската развојна зона – Скопје, беше одбележан почетокот на градбата на фабрика на германската БМЗ груп која се занимава со изградба на литум јонски батерии.
„Им честитам на БМЗ за почетокот на градежните работи по само една година откако го потпишавме договорот за инвестицијата. Проект кој означува многу повеќе од само тули и малтер. БМЗ инвестира 65 милиони евра, но најважно е што компанијата веќе вработува дел од планираните над 700 луѓе, со над 1200 евра бруто плати. Ова не е само бројки туку реални можности за нашите сограѓани. Достигнувањата на тимот на ТИРЗ, во соработка со другите институции и Владата, во изминатите четири години зборуваат сами за себе. За само четири години отворивме близу 6.000 нови работни места, што е раст од 40%, двојно ги зголемивме платите и се погриживме за секое инвестирано евро на годишно ниво на државата да и се враќаат четири, постигнавме инвестициски договори во вкупна вредност од 1 милијарда евра колку што беше постигнато во првите десет години“, рече Деспотовски.
Претходното премиерот Христијан Мицкоски му се заблагодари на поранешниот потпретседател на Владата и одговорен за економски прашања, Фатмир Битиќи што ја донел инвестицијата, но, како што рече, не успел да ја заврши до крај.
„Жалам што не успеал да го заврши докрај. Претпоставувам, не успеал да ги убеди граѓаните како што еве ги убедувал неговите сопартијци на 8 мај, па доживеа дебакл каков што доживеа. Оваа влада мораше сега заедно со инвеститорот, да го заврши овој процес“, рече Мицкоски.
Германската компанија ќе инвестира околу 65 милиони и се очекува да вработи околу 700 луѓе.