– Усогласување на Колективниот договор со законот и со општиот колективен договор што ќе значи и зголемување на платите на царинските службеници, како и изготвување на заеднички план за борба против корупцијата со Синдикатите, најави денеска директорот на Царинската управа Стефан Богоев.
Во гостување на ТВ 21 Богоев посочи дека царинските службеници треба да добиваат 30 проценти додаток поради посебните одговорности кои произлегуваат од нивната работа. Поддршка, како што рече, има и од Министерството за финансии, каде се свесни за тоа колку е круцијална работата на царинските службеници кои полнат скоро половина од Буџетот на државата.
-Практично сега сме во фаза на усогласување на нашиот колективен договор со законот и општиот колективен договор и мислам дека тоа на крај ќе биде на огромно задоволство на вработените во Царинската управа. Целиот тој тим во Министерството е навистина кооперативен. Свесни се за важноста на нашата работа, за важноста на царинските службеници и ќе излезат комплетно во пресрет, нагласи Богоев.
Во врска со новите смени на кадри во Царинската управа, рече дека се направени повеќе промени во инспекторските места, како и пополнување на испразнети позиции. Од превентивни причини, додаде, се направени промени на позиции на коишто поради специфичноста на работата е пожелно после одредено време да се направи промена.