Денес, кога и во Скопје се одржува т.н. Парада на гордоста, согласно нашите програмски определби и нашите политички убедувања, се разбира и почитувајќи го правото за поинакво размислување, изјавуваме дека за нас тоа не е никаква гордост, туку е поинаков обид за атак кон нашето традиционално семејство.
Верувајќи дека семејството е само хетеросексуална заедница, изградена на взаемната љубов меѓу сопружниците, реализирана јавно и церемонијално и благословена преку ритуал, АлтернАтивА смета дека оваа парада е општествено движење за релативизирање на границите на нашето традиционално семејство, секако во корист на разните облици на изопачување на човечкото битие и секако на штета на нашата човечка мисија на земјата.
Исто така, верувајќи дека човекот не е битие кое се движи во универзумот без причина, како и верувајќи дека нашите тела не се наша сопственост, туку се дар од Бога, ние мислиме дека само со афирмирање, негување и поддршка на традиционалното семејство ние ја исполнуваме нашата обврска кон Бога – да ја предадеме на идните генерации штафетата на постоењето, вредностите, доблестите и наследството.
Затоа, за нас тоа што се случува во Скопје нема врска со гордоста, бидејќи гордост е нашето семејство, во кое се чуваат и негуваат легендите, спомените, соништата и љубовта кон Бога, кон човекот, кон татковината, кон нацијата и кон природата.
Во духот на ова, АлтернАтивА изјавува дека ќе биде ПРОТИВ новиот Предлог на закон за матична евиденција, преку кој се планира да се релативизира традиционалното семејство со измислување на т.н. „родов идентитет“, а за ова ќе ги искористиме сите демократски механизми и сите политички, научни и етички аргументи за да не помине овој предлог на закон.