Партнерство на Семос Едукација и Кариера.мк за повеќе кариерни можности


Web
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Семос Едукација и Кариера.мк потпишаа Меморандум за соработка со кој воспоставуваат долгорочно партнерство насочено кон подобро поврзување на образованието со потребите на пазарот на труд и создавање повеќе можности за професионален развој и вработување.

Соработката ќе им овозможи на слушателите и алумните на Семос Едукација полесен пристап до професионалната мрежа, огласите за работа и услугите за кариерен развој на Кариера.мк. Истовремено, компаниите ќе добијат дополнителен канал преку кој ќе можат да дојдат до обучени и сертифицирани кандидати со знаења и вештини релевантни за современиот пазар на труд.


Во рамки на партнерството ќе биде воспоставен механизам преку кој кандидатите кои успешно завршиле обуки, академии и сертификациски програми во Семос Едукација ќе можат да се вклучат во базата на кандидати на Кариера.мк и да бидат препорачани за позиции во компании што бараат кадар со соодветен профил.

Соработката ќе опфати и можности за пракса и вработување, како и заедничка реализација на кариерни денови, вебинари, работилници, презентации на компании, саеми за вработување и други активности насочени кон развој на професионални вештини и полесен премин од едукација кон вработување.

„Во Семос Едукација веруваме дека вистинската вредност на образованието се гледа во можностите што тоа ги отвора за луѓето. Нашата цел е слушателите не само да стекнат знаења и вештини што ги бара современиот пазар на труд, туку и да добијат поддршка тие знаења да ги претворат во конкретни професионални можности. Партнерството со Кариера.мк е уште еден чекор во таа насока и дополнително ја зајакнува врската меѓу едукацијата, индустријата и вработувањето“, изјави Валентина Тасева, директор на Семос Едукација.

Од Кариера.мк посочуваат дека поврзувањето со едукативни центри кои создаваат квалификуван кадар е особено важно во услови кога компаниите сè почесто се соочуваат со предизвикот да пронајдат кандидати со соодветни знаења и компетенции.

„Компаниите денес имаат континуирана потреба од квалификувани кадри, а од друга страна, кандидатите имаат потреба од вистински можности во кои ќе можат да ги применат стекнатите знаења. Преку ова партнерство сакаме да го олесниме токму тој процес – да ги поврземе кандидатите со компаниите што имаат потреба од нивниот профил и да создадеме вредност и за двете страни“, изјави Ружица Доневска, генерален директор на Кариера.мк.

Дополнително, слушателите и алумните на Семос Едукација ќе имаат можност бесплатно да добијат и активираат МојаКАРИЕРА ПРО картичка, која обезбедува дополнителни кариерни бенефиции, поддршка при развојот на професионалниот профил и препораки за работни позиции усогласени со нивните вештини и интереси.

Со воспоставувањето на ова партнерство, Семос Едукација и Кариера.мк создаваат поцврста врска меѓу стекнувањето практични и професионални знаења и нивната примена на пазарот на труд, со цел кандидатите полесно да стигнат до релевантни кариерни можности, а компаниите до кадарот што им е потребен за понатамошен развој.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK