Семос Едукација и Импакт Фондација на 13 август го организираат DIGIWORK настанот „Твоја идеја, твои права – Авторски права за креативни фриленсери“, наменет за фриленсери, претприемачи и професионалци од креативните и дигиталните индустрии. Настанот е прва заедничка активност по неодамнешното потпишување на Меморандумот за разбирање меѓу двете организации, со кој се поставуваат основите за соработка во областа на развојот на дигиталните вештини и професионалното јакнење на заедницата.
DIGIWORK ќе се одржи со почеток во 18:00 часот, во просториите на Семос Едукација. Учеството е бесплатно и отворено за сите заинтересирани, а пријавувањето е достапно преку формуларот „Твоја идеја, твои права“.
Централна тема на настанот ќе бидат авторските права и заштитата на интелектуалната сопственост, со фокус на прашањата со кои фриленсерите и креативците се среќаваат во својата работа. Д-р Ана Пепељугоска Стојковска ќе ги обработи правата врз креативните дела, односот помеѓу авторот и клиентот, договорите за соработка и заштитата на интелектуалната сопственост.
Покрај главната тема, учесниците ќе имаат можност да бидат дел и од една од трите практични работилници: „Внатрешно уредување со AI“, „Дигитален маркетинг и AI“ и „Data Analyst и AI“.
Настанот е прва конкретна активност од соработката меѓу Семос Едукација и Импакт Фондација, формализирана со потпишувањето на Меморандумот за разбирање. Партнерството предвидува реализација на заеднички активности, настани, едукативни иницијативи и програми насочени кон зајакнување на човечкиот капитал и создавање нови можности за професионален развој.
По повод потпишувањето на меморандумот, од Семос Едукација истакнаа: „Повеќе од три децении Семос Едукација е посветена на развојот на знаења и вештини што одговараат на потребите на современиот пазар на труд. Веруваме дека силните партнерства се клучни за создавање одржливи можности за личен и професионален развој. Соработката со Импакт Фондација претставува значаен чекор кон поврзување на образованието, иновациите и практичната примена на знаењето, со цел да им овозможиме на фриленсерите, претприемачите и дигиталните професионалци да ја зголемат својата конкурентност и успешно да одговорат на предизвиците на дигиталната економија.“
Од Импакт Фондација додадоа: „Иднината на работата бара луѓе со применливи вештини, но и екосистем што ќе им овозможи тие вештини да ги претворат во реални професионални можности. Партнерството со Семос Едукација е важен чекор во таа насока – заеднички да креираме знаење, контакти и можности за фриленсерите, претприемачите и професионалците кои сакаат да растат во дигиталната економија.“
Семос Едукација повеќе од 30 години придонесува за унапредување на дигиталните вештини и подготовка на квалификувани кадри за пазарот на труд. Импакт Фондација е организација која ја обликува иднината на работата преку развој на вештини, поддршка на дигиталните работници и претприемништвото и градење партнерства за инклузивен и одржлив економски развој.
Со партнерството, двете организации најавуваат и понатамошни заеднички активности насочени кон поголема информираност, практични знаења и создавање нови можности за професионален развој на фриленсерите, претприемачите и дигиталните професионалци во Македонија.