Зголемувањето на пензиите се пресметува, ќе се знае многу скоро, вели Мицкоски


mickoski-uhmr.webp
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Септемвриските пензии кои пензионерите ќе ги добијат во октомври, ќе бидат зголемени. Премиерот Христијан Мицкоски вели дека се во тек пресметките за законското, процентуално усогласување на пензиите.


„Тоа ќе биде редовно нивелирање, усогласување согласно закон. Знаете дека постоеја иницијативи од страна на поединци, во позадина охрабрени од политички партии, пред Уставниот суд да  покренат тема за линеарното зголемување на пензиите. За да ги заштитиме пензионерите и пензиите, понатаму зголемувањето ќе биде согласно усогласувањата предвидени со закон“, рече премиерот Мицкоски.

Законот за пензиското и инвалидското осигурување (ЗПИО) предвидува септемвриската пензија да биде зголемена и усогласена со трошоците за живот и просечната плата. Премиерот Мицкоски најави дека многу скоро ќе се знае која пензија за колку пари ќе се зголеми.

„Сè уште не се знае. Се пресметува. Многу скоро ќе се знае“, рече премиерот Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања по посетата на Управата за хидрометеоролошки работи.

Покачување на пензиите очекуваат околу 350.000 пензионери во земјава. Изминативе две години пензиите се зголемуваа линеарно. Во четири наврати, почнувајќи од септември 2024 година сите пензии се зголемија за 7.000 денари, мерка која сегашната Влада ја ветуваше уште пред да биде избрана со објаснување дека целта е да го крене стандардот на оваа категорија граѓани.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK