Обвинетиот Бобек Шуклев за примање поткуп е осуден на казна затвор од 4 години и 6 месеци, обвинетиот Славе Ристевски за две кривични дела примање поткуп, доби казна затвор од четири години, Драган Денковски за три кривични дела давање поткуп, судот му изрече алтернативна мерка условна осуда и му утврди единствена казна затвор од 2 години која нема да се изврши ако не стори ново кривично дело во наредните пет години.
Судот на Шуклев и Ристевски им изрече забрана за вршење професија од дејност или должност во образовниот процес во траење од пет години. Исто така и за обвинетиот Драган Денковски сметано од денот на правосилноста на пресудата. Времето поминато во затвор се засметува во времето на траењето на забраната.
Од Шуклев се одземаат предметните банкноти.
Оваа е второ судење за предметот „Еразмус“, бидејќи во јуни 2021 година, предметот падна на Апелација, кога беше потврдена само ослободителната пресуда за професорот Стојан Дебарлиев.
Апелација го врати предметот „Еразмус“ на повторно судење и не ги потврди затворските казни за професорите од Економскиот факултет кои претходно ги изрече Кривичниот суд.
Тројцата професори Бобек Шуклев, Драги Јанев, Славе Ристевски и демонстраторот Драган Денковски беа гонети за примање поткуп од студенти за пишување на преодни оценки. При изрекување на пресудата, за професорите Шуклев и Јанев, судијата дополнително кажа дека е утврдено оти барал и сексуални услуги од студентки.