За некои термини во областа на енергетиката

risto_ciconkov_001
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Во областа на енергетиката има некои термини (зборови) што во јавноста често се споменуваат, но понекогаш не се соодветно употребени или се погрешни. Ќе се обидам да дадам кратки објаснувања за да биде појасна нивната употреба и притоа го користам Речникот на македонскиот јазик (понатаму само речник).

 


ЕНЕРГЕТСКА ЕФИКАСНОСТ

 

Енергија е способност на еден систем (тело) да извршува работа или да произведува топлина, а енергетика е област во која се употребува енергијата.

 

Енергетската ефикасност е многу актуелна тема денес, а ќе биде и во иднина заради многу причини. Описно кажано тоа е “ефикасно користење на енергијата“, значи се однесува на енергија, а не на енергетика. Оттука пологично е наместо енергетска да се нарекува енергиска ефикасност. Во таа насока е и споредбата со англискиот јазик каде се користи терминот “energy efficiency”, а не ”energetic efficiency”. Во речникот ги нема зборовите енергетска и енергиска. Оваа дилема бара понатамошна анализа.

 

ПАРНО (начин на греење)

 

Речиси сите јавни медиуми системот на градска топлификација го нарекуваат парно греење, или кратко само парно. Граѓаните широко го имаат прифатено овој термин па кога ги прашуваат како го загреваат домот, оние што се поврзани на градската топлификација велат на “парно“. Ова е сосема погрешен термин бидејќи во системот нема пареа, туку топла вода. Во топловоден котел се загрева топла вода (не пареа) и таа струи низ цевководи. Инаку за зборот пареа се употребува и зборот пара.

 

За истиот начин на греење, некои велат дека се поврзани на системот за централно греење. Во принцип топлификација е централно греење, но има и индивидуални системи за сопствено централно греење само за едно или неколку домаќинста, а исто и кај некои фирми. Значи и овој термин не го одредува еднозначно системот.

 

Во терминологијата на англиски јазик скоро секаде овој систем на греење се именува со “district heating“, преведено на македонски = реонско греење. Кај нас овој термин не се употребува. Во Србија се користи терминот далечинско греење што сигурно е посоодветно отколку парно. Сепак моја препорака е терминот: топлификација. Со еден збор сé е јасно.

 

КЛИМА УРЕДИ

 

Клима уредот служи за формирање и одржување на внатрешната клима во просториите при тоа се мисли на ладење и греење на воздухот. Клима уред на англиски јазик: air conditioner бидејќи го одржува воздухот во одредена состојба во однос на температурата. Затоа, кај нас често, луѓето велат “еркондишн“.

 

Денес кога ги прашуваат граѓаните како се греат во нивниот дом, многу од нив одговараат кратко: со клима. Но во последно време сé почесто велат и со инвертер. Инвертер е направа која служи за континуирана промена на бројот на вртежи на електромоторите преку промена на фреквенцијата на електричната струја. Се вградува во голем број електромотори за разни намени. Кај клима уредите: капацитетот на машината се менува според моменталниот потребен топлински товар, се менува од 10% до 100%. Значи се врши континуирана регулација според потребите за греење со што се зголемува енергетска ефикасност. Друго, стартот на електромоторот е многу лесен со минимален товар (околу 10%), а не со 100% со што се избегнува почетниот удар во мрежата, а тој момент е подлежен и на настанување дефекти. Значи инвертерот е дел од клима уредот и погрешно е клима уредот да се нарекува инвертер.

 

Најприменети клима уреди денес се оние со изведба “сплит“ систем. Зборот сплит не потекнува од градот Сплит (Хрватска), туку од англискиот збор “split”, преведено: разделен. Сплит клима уредот е разделен на два дела: надворешна и внатрешна единица.

 

ТОПЛИНСКИ ПУМПИ

 

Во јавноста често ги нарекуваат топлотни пумпи, а зборот топлотни се употребува и во многу други области како на пример топлотни бранови (во лето).

Придавката топлотен доаѓа од именката топлота и ја има во речникот, значи формално не е погрешен збор. Но нашиот народ вели топлина, а не топлота – збор кој припаѓа и на српскиот јазик. Според мене, наместо топлотни пумпи треба да биде топлински пумпи.

 

ГАС (ПРИРОДЕН ГАС) ИЛИ ПЛИН

 

Природниот гас често се именува како плин. Зборот плин го има во речникот на македонскиот јазик и сигурно е ставен дополнително поради неговата голема употреба. Инаку употребата на природен гас првин се јави во Хрватска која има(ше) некои мали извори, а таму наместо гас велат плин. Па кога почна гасот да се употребува и во другите делови на поранешна Југослвија, употребата на зборот плин се прошири и таму. Денес кога купувате плинска боца не е вообичаено да велите гасна боца. Значи зборот плин е одомаќинет и кај нас. а најчесто кога се употребува во домаќинставта и во автомобилите. Скоро во сите други случаи велиме природен гас.

 

СТАКЛЕНИЧКИ ГАСОВИ

Стакленичките гасови денес се многу актуелни бидејќи тие се причинители на климатските промени. Секторот енергија учествува со околу 70% во глобалното затоплување на Земјата. Тука особено се мисли на согорување на фосилните горива. Терминот стакленички гасови ги збунува луѓето бидејќи овие гасови се поврзуваат со стакло, односно како да припаѓаат на нешто стаклено.

 

“Greenhouse gases“ е превод на англиски јазик за стакленички гасови. Greenhouse е всушност назив за оранжерија (буквален превод: зелена куќа) или кај нас се нарекува и стакленик. Во него се создаваат услови на стаклена градина и оттука доаѓа терминот стакленички гасови. Уште нешто, во Македонија бројот на оранжерии не е голем бидејќи денес земјоделците помасовно користат пластеници, а од тоа произлегува терминот пластенични гасови што не е прифатливо.

За овој термин описно напишано е: гасови што создаваат ефект на стаклена градина, но ова е непрактично ако треба почесто да се именуваат тие гасови.

Според мене, треба да бараме посоодветен термин за стакленичките гасови. Експертите за македонски јазик нека истражуваат понатаму.

 

Се сеќавам пред околу педесет години се употребуваа зборовите крстословка и запослување, но експертите најдоа одлична замена со зборовите крстозбор и вработување. Се разбира има уште многу слични примери, така што македонскиот јазик е жива материја и може постојано да се збогатува.

 

Д-р Ристо Цицонков, редовен професор

Машински факултет – Скопје

23.12.2024

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK