Денека, во ЦУК, директорот Стојанче Ангелов ја закажа и ја одржа првата поширока Координативна средба за надминување на проблемот со прекубројниот број мечки. Присуствуваа претставници од повеќе државни институции и невладини организации: Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство, Министерство за животна средина и просторно планирање, Министерство за внатрешни работи, Национален парк „Маврово“, Општина Маврово – Ростуше, Зоолошка градина, овластена од Анима мунди, потоа Македонско еколошко друштво и други институции.
Од Владата, директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов е задолжен да ја организира координацијата на активностите на институциите во спроведување на мерките, да организира и спроведува контрола над нивната имплементација, да предлага нови мерки покрај донесените и препорачани од надлежните институции за создавање на услови за намалување на појавата на кафената мечка во урбана средина.
„За надминување на опасностите од кафените мечки на територијата на државата, директорот на ЦУК Стојанче Ангелов, во повеќе наврати ја посети Општина Маврово – Ростуше, во рамки на реализирање на задолженијата од Владата на Република Северна Македонија. Притоа, во овој прекрасен планински крај, оствари средби со поединци и со населението коешто е засегнато од прекумерниот број мечки на таа територија. Заради секојдневното влегување на мечките во селата има зачестени напади на нивниот добиток и имот, па и влегување во куќите и „блиски средби“ со жителите на селата во општината. Практично, мештаните посочија дека, иако со генерации живеат едни покрај други со мечките, во последниот период и особено оваа година, влегувањето на мечките во населбите е многу зачестена појава што е алармантна и предизвикува голем страв од нив и затоа побарале помош од Владата на Република Северна Македонија.
Покрај, разговорите со мештаните каде што е присутен проблемот со прекумерниот број мечки, Ангелов остварува средби и со мештани од региони каде што нема кафени мечки и разговора и прибира информации за нивното мислење за евентуално преселување на одреден број кафени мечки од регионите каде што ги има во регионите каде што ги нема, а биле присутни порано“, известуваат од ЦУК.