Тоталната инклузија во образовниот процес на децата со посебни потреби кај нас, министерката за образование Весна Јаневска смета дека е неуспешна оти има родители и деца кои се жалат дека со ваквиот концепт се дополнително дискриминирани. Новата Влада бара друго решение за децата со посебни потреби за кое министерката Јаневска уверува дека нема да значи издвојување, селектирање или пак нивна дискриминација.
„Сите оние дечиња кои можат да одат во редовна настава, ќе си одат во редовна настава, но има родители и цели здруженија кои се жалат дека нивните деца не можат да ја следат таа настава затоа што ниту наставниците, ниту образовните асистенти можат да се справат со тој процес. Во еден клас со 34 деца државата се труди да стави по едно дете, но некогаш се и по две и по три. Нив им треба посебно внимание. Ќе бараме решение во правец на општински училишта со ресурсен центар, но само за тие што не можат да следат редовна настава. За децата со мултихендикеп и за децата со повисока интелектуална попреченост предлагаме да останат таканаречените посебни училишта, го користам овој термин за да биде разбирливо и за родителите и за целата јавност. Притоа ќе им дадеме можност на родителите, која сега ја немаат, да одберат во согласност со комисијата за функционална проценка, во какво училиште или во какво училиште со ресурсен центар ќе сакаат нивните деца да учат“, вели министерката Јаневска.
Оваа измена Јаневска вели дека ќе ја направат релативно брзо иако треба да се донесе и законско решение. За измената освен разговори со здруженија, со родители и со наставниците, Јаневска најави дека ќе ја вклучат и стручната јавност односно експертите кои долги години се занимаваат со оваа проблематика од универзитетите и факултетите.