Заменик министерот за социјална политика, демографија и млади Ѓоко Велковски ја водеше втората седница на Советот за следење на имплементацијата на Проектот за администрирање на социјалното осигурување – СИАП.
Пред присутните, Велковски накратко се осврна на СИАП проектот за чие имплементирање и координирање надлежно е Министерството за социјална политика, демографија и млади, како и на Советот за следење на неговата имплементација и на улогата на Советот.
Основна цел на Проектот е подобрување на квалитетот на услугите во администрирањето на социјалното осигурување и унапредување на законската рамка која ги уредува прашањата кои се однесуваат на вработувањето и работното оспособување на лицата со попреченост и ревидирањето на листата на работните места со стаж на осигурување со зголемено траење (бенефициран стаж).
„Според активностите на проектот, може да се заклучи дека станува збор за прилично комплексен и обемен проект од аспект што неговата реализација ги вклучува речиси сите институции на задолжителното социјално осигурување, па и повеќе. Поради тоа, формиран е Совет кој има за задача да го следи спроведувањето на активностите во рамки на институциите надлежни за имплементација на СИАП проектот и роковите за нивно спроведување и да носи заклучоци за прашања поврзани со спроведувањето на активностите од Проектот“, рече Велковски.
На денешната седница на Советот, беше разгледана информацијата за активностите во СИАП проектот и нивниот тековен статус на имплементација, а фокусот беше ставен на воспоставувањето на единствениот регистар на задолжително социјално осигурување.