Сојузот на синдикатите го поддржа протестот на вработените во Државниот испитен центар, кои повеќе од шест месеци бараат зголемување на платите за 25 отсто и измена на колективниот договор.
Претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија, Слободан Трендафилов, рече дека добрата волја што вработените во Државниот испитен центар ја покажале во минатото, особено кога го прекинаа штрајкот за да се полагаат матурските испити, не даде резултат, а Министерствата за образование и финансии ги излажале и изманипулирале вработените.
„Револтот на нашите колеги е оправдан. Ветувањата на институциите во минатото не беа исполнети, а сега ги убедуваат да го почекаат новиот закон за административни службеници и тоа би значело дека во март повторно нема да им се зголемат платите. Манипулацијата е несериозна од претставниците на власта. Малиот број на луѓе вработени тука, може да стане проблем во образованието“, рече Трендафилов.
Последниот одговор што Државниот испитен центар го добил од Министерството за финансии укажува на системско решение, што би зналечо дека ќе треба да чекаат до март 2024 година, а од Државниот испитен центар појаснуваат дека со оглед на тоа што институциите зборуваат за нов закон за административни службеници, за којшто немало јавна дискусија, никој не знае што пишува во законот и се’ се сведува на манипулација.
Од почетокот на штрајкот, вработените во Државниот испитен центар добија 10 проценти покачување, но платата се уште е далеку од нивните очекувања.
„Нашите плати со тоа 10 отсто покачување беа под 30.000, а сега се 30.000 советничка плата. Наставникот почетник, тоа не е исто ниво со советник во Државниот испитен центар, туку е едно ниво пониско виш соработник би било нивото, има 35.000 денари. Тој наставник правото на лиценца за полагање го стекнува пред вработени и советници на Државен испитен центар. Тој што оценува дали е наставникот способен има пониска плата од него“, појаснија од Државниот испитен центар, додавајќи: „Во овие седум месеци добивме К-15 што досега го немавме. Ќе останевме и без тоа, ако не се боревме“.
Велат дека се работи за само 29 вработени, а работата што ја работат е сериозна и одговорна, но тоа никој не го цени.
Од надлежните институции, Министерството за образование и Министерството за финансии очекуваат дека ќе имаат слух и ќе седнат на преговори. Генерално на средбите сите се согласуваат дека платите во Државниот испитен центар се ниски, но договор се’ уште нема.
Во моментов, поради штрајкот, сопрени се стручните испити за наставници приправници и стручни соработници, а пријавените 700 кандидати ќе треба да ја почекаат следната сесија в година. Истовремено, ако не се изнајде договор за платите, и годинава под прашање ќе биде ставено полагањето на државната матура.