Одлуката на Зоран Љутков, министер за култура и туризам да го назначи Мустафа Имери за директор на Македонската филхармонија е уште една потврда дека во оваа земја не се почитуваат законите, дека продолжуваат да се спроведуваат конкурси на нетранспарентен и незаконски начин и дека партиска книшка и договор се единствена валидна референца за добивање раководни позиции, реагираат вработените.
„Љутков денеска донесе политичка, наместо правно издржана одлука и наместо да го дисфалификува, тој реши на незаконски начин да го назначи за директор, кандитатот кој на конкурсот не ги достави сите потребни документи и со тоа ги прекрши условите припишани во Законот за култура и во самиот конкурс.
Затоа вработените ќе побараат кривична одговорност за министерот Љутков кој наместо да ги почитува законите реши до крај да го истера меѓупартискиот договор меѓу ВЛЕН и ДМПНЕ.
Нашето единствено барање до Љутков беше конкурсот да се спроведе на законски и транспарентен начин и да се избере кандитатот кој ги исполнува сите услови“.
Нагласуваат дека не им била важна етничката припадност и на самиот почеток се оградиле од таквиот наратив.
„За разлика од нас, уште вчера, пред официјално да биде доставено решението за назначување во нашата институција, албански портали пренесоа дека Мустафа Имери ќе биде прв Албанец на чело на Македонската филхармонија чии “врати досега биле херметички затворени за Албанците”.
Ги осудуваме сите изјави кои имаат националистичка позадина, бидејќи нам не ни е важна етничката припадност на идниот директор, туку неговиот капацитет и способност да ја води најстарата културна институција во земјата.
Мустафа Имери не ги исполнува тие услови и е избран на незаконски начин. Затоа, ќе престанеме со работа и ќе протестираме се додека не се промени оваа одлука“, нагласуваат вработените.
Ја информираат јавноста дека нивниот хуманитарен концерт „Без зборови“ закажан за утревечер ќе се одржи, бидејќи, како што велат, тоа им го должат „на невините жртви во страшната трагедија во Кочани, но и на публиката која со своето присуство и купениот билет ќе донира во фондот за настраданите“.
„Непочитувањето на системот и законите и носењето погрешни одлуки во минатото веќе не чинеа прескапо. Очигледно оваа власт нема интерес да учи од грешките и продолжува на најдрзок начин да не “влече за уши“ со лицемерие и лаги.
Вработените во Македонска филхармонија нема да дозволат најстарата институција во културата и бастион на класичната музика во нашата земја да биде уште една жртва на трулиот државен систем без вредности кој не почитува закони и промовира непрофесионалност“, нагласуваат во соопштението.