И покрај поднесениот Обвинителен акт за предметот познат во јавноста како „Синџир“, предметниот обвинител Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција предметниот јавен обвинител продолжи со постапување. Постапката е како резултат на индиции што произлегоа од доказите што обвинителството ги достави до судот со поднесување на обвинителниот акт во предметот „Синџир“.
Врз основа на дополнително обезбедениот доказен материјал денеска до Основниот кривичен суд Скопје обвинителството поднесе Обвинителен предлог против петнаесет лица вработени во Генералниот даночен инспекторат на УЈП и Регионалните дирекции на УЈП во Скопје, Битола и Прилеп. На сите обвинети им се става на товар дека сториле продолжено кривично дело – Злоупотреба на службената положба и овластување, информираа од Обвинителството.
Станува збор за службени лица во Управата за јавни приходи кои во посочениот период биле главни генерални инспектори или вршители на должност, нивни заменици, управници на регионалните дирекции, началници на даночни инспекторати и раководители на Одделенијата за регистрација и утврдување на даноци во регионалните дирекции, членови на телата за одобрување на ДДВ побарувања со барање за враќање при регионалните дирекции, самостоен даночен советник за анализа на ризик и планирање на контроли и инспектор за даночни обврзници.
Според дејствијата содржани во диспозитивот на предлогот обвинетите во периодот од 01.01.2019 до 31.12.2021 година како службени лица во Управата за јавни приходи, искористувајќи ист траен однос и исти прилики, не ја извршиле својата службена положба и овластување со намера да прибават за друг значителна имотна корист или на друг да му нанесат значителна имотна штета. Притоа, постапиле спротивно на одредбите од Законот за даночна постапка, Законот за управата за јавни приходи, Правилникот за систематизација на работни места во Министерството за финансии, Управа за јавни приходи, Процедурата за надворешна контрола, Упатството за одобрување и враќање на даночно побарување за ДДВ и Правилникот за внатрешна организација на Управата за јавни приходи. Така, во зависност од нивните службени овластувања не ја организирале и координирале работата на Генералниот даночен инспекторат со функциите на Регионалните даночни инспекторати во Скопје, Прилеп и Битола, за дел од даночните обврзници не извршиле соодветно рангирање според степенот на ризичност и самостојно не издале налози за контроли, не изготвиле предлог листи на даночни обврзници за вршење надворешна контрола, иако дел од обврзниците според степенот на ризик припаѓале во ризични даночни обврзници каде задолжително било потребно да се извршуваат надворешни контроли. Така, за дел од кривичноодговорните правни лица опфатени во предметот „Синџир“ кои како даночни обврзници поднесувале задолжителни даночни пријави и годишни завршни сметки во Регионалните дирекции Прилеп, Битола и Скопје, по основ на непресметан и неплатен данок прибавиле значителна имотна корист во износ од 167.918.419 денари предизвикувајќи штета на УЈП во вкупен износ од 206.456.437 денари.
Заедно со Обвинителниот предлог, имајќи ги предвид околностите сврзани за личноста на обвинетите, околностите под кои е сторено делото, особено имајќи предвид дека обвинетите се службени лица кои во вршење на својата служба го имаат сторено кривичното дело и дека може да бидат недостапни на органите на прогонот и на тој начин да го оневозможат непреченото водење на постапката, предметниот обвинител поднесе и посебен предлог со кој предлага судот спрема обвинетите да определи мерки на претпазливост. Воедно, укажувајќи дека во Специјализирано судско одделение за судење на кривични дела од областа на организиран криминал и корупција при Основниот кривичен суд Скопје веќе се постапува по предмет оформен по обвинителен акт на ОЈО за ГОКК од 22.01.2024 година против физички и правни лица обвинети за кривични дела Злосторничко здружување од чл. 394 ст1 и 2, Даночно затајување од чл. 279 ст. 2 в.в ст. 1 чл.45 и Перење пари и други приноси од казниво дело по чл. 273 ст.1 од КЗ, предметниот обвинител достави и посебен предлог да се спроведе единствена постапка и поднесениот обвинителен предлог да биде споен во веќе оформениот предмет. Како образложение на предлогот обвинителството укажа дека постои меѓусебна врска помеѓу извршените кривични дела сторени од страна на обвинетите наведени во обвинителниот предлог и кривичните дела сторени од страна на обвинетите наведени во поднесениот Обвинителен акт, како и дел од доказите кои веќе се доставени со претходно поднесениот обвинителен акт.