Дваесетипетгодишниот Иван Данаилов, гостин во „Пулс“ вечерта кога се случи пожарот, на денешното судење сведочеше дека во клубот влегол со билет за кој не добил фискална сметка, не му бил побаран документ за идентификација, а откога се случил пожарот и настанало стампедото, обезбедувањето му помогнало да излезе.
Данаилов во детали објаснуваше што се случувало ноќта кога се случи пожарот во „Пулс“. Бил повикан на роденден кај другар и во дискотеката стигнал 50 минути по полноќ.
„Пристигнав сам, купив билет од човекот кој секогаш продаваше билети, Тодор. Не ми даде фискална сметка, никогаш не сум добил фискална во таа дискотека“, кажа Данаилов.
На влезот имало двајца, но не се сеќава дали носеле ознаки дека се обезбедување. Едниот ги преземал билетите, а другиот ставал печати на рацете на гостите кои значеле дека имаат билет за таа вечер. Никој не му побарал документ за идентификација.
Данаилов сведочеше дека објектот, освен влезот преку кој тој влегол, има уште еден, лево од бината, но кажа дека никогаш не видел дека некој го користи.
Се сместил во првиот ред маси пред бината, дискотеката била полна и тешко се минувало меѓу масите. Меѓу гостите забележал малолетни кои лично ги познава. Бендот почнал со концертот во два часот по полноќ, а во 02.32 се случил пожарот. Данаилов во првиот момент не забележал дека нешто гори.
„Прво со другарите на масата не го видовме, беше директно над нашите глави, надвор од нашето видно поле. Потоа од бендот го видоа и рекоа на микрофонот дека настанал пожар, побараа помош, сопственикот да донесе противпожарни апарати, музиката престана“, сведочеше Данаилов.
Го послушал советот на пејачот и тргнал надвор. Пред да стигне до излезот настанало стампедо, веќе се било зачадено. Успеал да стигне до скалите, но некој пред него се сопнал па сите паднале на скалите еден врз друг. Никој не ги упатувал каде да се движат.
„Откако паднав на скалите, се сеќавам дека лежам најдолу, ги имав поминато сите скали. Пробав да станам, ама нозете ми беа приклештени од други луѓе. Пред мене се појави Столе од обезбедувањето. Му побарав помош, му пружив рака, тој ме фати и ме извлече од гужвата. Сакам јавно да му се заблагодарам за тоа“, рече сведокот Данаилов кој успеал да излезе од опожарениот објект без повреди.
И тој, како и претходниот сведок, потврди дека во „Пулс“ и претходно се користела пиротехника, но инциденти немало.
Полиција забележал дека има надвор, кога веќе излегол.
Во пожарот кој се случи на 16 март 2026 година во кочански „Пулс“ загинаа 63 лица, а над 200 се повредени.