Во паркот во Драчево, кој минатата година беше изграден како симбол на пријателството меѓу Општина Кисела Вода и Република Унгарија, денес свечено беше одбележан Националниот ден на Унгарците. Настанот се одржа во присуство на градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, амбасадорот на Република Унгарија во Македонија, Н.Е. Андраш Клеин, военото аташе на Унгарија, Надаш Ласло, претставници на Здружението на Унгарците во Македонија „Теледом“, како и бројни граѓани и гости. Беше положено свежо цвеќе пред бистата на Шандор Петефи, свои обраќања имаа градоначалникот Ѓорѓиевски и амбасадорот Унгарија Клеин, а настанот беше дополнет со интерсна културно-забавна програма.
– Денес, на денот кога го чествуваме Националниот ден на Унгарците, се наоѓаме во овој преубав парк во Драчево, кој го изградивме минатата година како симбол на пријателството меѓу Кисела Вода и Република Унгарија. Токму тука, поставивме и биста на големиот унгарски поет и борец за слобода, Шандор Петефи. Тој не е само симбол на унгарската историја, туку и на сите народи што се стремеле кон слобода, правда и национална гордост. Неговите стихови и неговото дело инспирирале многумина, оставајќи неизбришлив белег во колективната меморија на Унгарија, но и во срцата на сите оние што ги ценат вредностите на слободата и независноста. Неговото име и неговиот дух и денес не инспирираат да ја чуваме и нашата култура, традиција и идентитет.
Денес, со положувањето на свежо цвеќе пред неговата биста, не само што му оддаваме почит, туку испраќаме и силна порака дека пријателството меѓу Македонија и Унгарија, меѓу Кисела Вода и унгарската заедница, не само што опстојува, туку и се продлабочува. Ова пријателство е градено низ годините, преку културни размени, заеднички проекти и активности што го збогатуваат животот на нашите граѓани.
Затоа, дозволете ми да изразам искрена благодарност до Амбасадата на Унгарија, до здружението „Теледом“ и до сите кои со својата работа и посветеност придонесуваат за зајакнување на овие односи. Вашиот ангажман е непроценлив и уверени сме дека во иднина ќе продолжиме заедно да градиме нови иницијативи кои ќе ја продлабочат нашата соработка.
Од наша страна, сакам да истакнам дека Општина Кисела Вода ќе продолжи со поддршката на културните, образовните и историските проекти кои ја зајакнуваат врската меѓу нашите народи. Ова пријателство не е само симболично – тоа е жива врска што ја градиме со посветеност и искрена намера да ја пренесеме и на идните генерации.
Нека овој ден ни биде потсетник за тоа колку е важно да се почитуваме, да се поддржуваме и да градиме мостови на пријателство. Благодарам што сте денес тука, и што заедно продолжуваме да создаваме вредности што ќе живеат и за идните генерации-истакна градоначалникот Орце Ѓорѓиевски