Во ОКТА отворен првиот тренинг-центар за гасење пожари од нафтени деривати

naslovna-1.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Следејќи ја својата стратешка определба за етичко и општествено одговорно работење и, истовремено, поставувајќи ја безбедноста како врвен приоритет, ОКТА инвестираше во нов тренинг-центар за противпожарна заштита од нафтени деривати, прв од ваков вид во земјава.


Новиот тренинг-центар ќе овозможи изведување на вежби и сценарија на противпожарната единица ОКТА во строго контролирани и безбедни услови за вработените и инфраструктурата на компанијата.

„Отворањето на овој тренинг-центар повторно ја потенцира нашата цврста и одлучна определба за инвестирање во капацитети и иницијативи кои треба да обезбедат одржлива иднина за ОКТА, но и да ја гарантираат безбедноста која што е наш врвен приоритет. Тренинг-центарот има исклучително значење за нашата компанија и ќе придонесе за натамошно одржување на високиот степен на подготвеност на нашиот противпожарен тим, но и на сите вработени во компанијата, за ефикасно справување со ризични ситуации поврзани со појава на пожари. Истовремено, подготвени сме нашето знаење и сите капацитети на овој центар да ги ставиме во служба на институциите, останатите компании и заедницата, со што уште еднаш ја потврдуваме нашата општествена одговорност на која сме особено посветени и горди“, изјави Ице Рикалоски – директор на оператива во ОКТА АД Скопје.

На презентацијата на новиот тренинг-центар беше изведена и показна вежба на противпожарната единица на ОКТА која ја следеа претставници на Центарот за управување со кризи и на неколку противпожарни бригади од земјава.

Тренинг-центарот, со вкупна површина од 1.000 квадратни метри, е лоциран во кругот на ОКТА, изолиран од резервоарскиот парк и рутите на движење на цистерните со деривати. Ова овозможува сигурно и безбедно користење, тренирање и работа со отворен пламен, без никакви ризици по останатиот дел од инсталацијата. Непосредната близина на противпожарната служба на компанијата овозможува беспрекорна поддршка на корисниците на тренинг-центарот. Инфраструктурата на овој центар која што вклучува подземна хидрантска линија со поставени дополнителни четири (4) надземни хидранти за обезбедување на доволни количества вода во случај на итност, довод на дериват за изведување на вежбите, согласно претходно утврдени симулации, изведен според најстрогите API-стандарди и елементи за симулација и стручна практична обука овозможуваат безбедни и строго контролирани услови за тренинг и усовршување.

На почетокот центарот ќе функционира како полигон за обука и увежбување на техники за гасење пожари предизвикани од нафтени деривати и ќе се користи за обука на вработените во ОКТА, како и за заеднички вежби со противпожарните единици со кои компанијата има склучено меморандуми за соработка. Во следната фаза планирано е тренинг-центарот да се прошири и со реквизити за обука и тренинг за справување и со други видови пожари, како што се: пожари во затворени простории, пожари од А-категорија, но и во истражување на техники за спасување во случај на пожар во затворен простор. Истовремено, овој прв тренинг-центар ќе им биде ставен на располагање на државните институции, локалните самоуправи и на други компании, за вежби и обуки на своите противпожарни единици.

Противпожарната единица на ОКТА е основана со самиот почеток на работа на компанијата и располага со две целосно опремени противпожарни возила, како и друга дополнителна опрема за гасење пожари. Во процес на набавка на теренско возило 4×4 кое што е комплетно опремено со резервоари за вода и пенило, пумпа со висок притисок и сет од млазници за користење при интервенција на различни видови пожари. Оваа противпожарна единица брои 23 високо обучени професионалци, особено во делот на заштита од пожари и експлозии во нафтени индустрии, како и за гасење пожари во урбани средини. Досега единицата има забележено голем број успешни интервенции и надвор од кругот на ОКТА, особено во заедницата во која што работи и делува.

ПР

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK