Во некои Министерства има притисоци вработените да не излегуваат на протест за поголема плата, Деановски ќе ги каже до крајот на неделава

UPOZ-vtor-den-protest.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Државната администрација од неколку министерства и денес излезе на получасовен протест со барање за 30 отсто поголема плата и потпишување колективен договор. Претседателот на Синдикатот на вработените во управата, правосудните органи и здруженијата на граѓаните (УПОЗ), Трпе Деаноски денес пред Министерството за култура, ја замоли опозицијата да не се лепи на протестот, а на Владата и порача да не го меша УПОЗ со некој друг Синдикат.


„„Не случајно на вториот ден од протестите сме тука пред Министерството за култура. Во 2023 година токму овие вработени 21 ден по ред протестираа пред Владата на Република Македонија со истите барања како и денес – потпишување на колективни договори и зголемување на платите на вработените. Нашите барања се исти со години наназад и секој обид од страна на Владата или политичките партии да докажат дека има политика во протестите или во работата на Синдикатот ќе биде залуден.

Да ја замолам сегашната опозиција да не се лепи на овие протести бидејќи имаа седум години да го решат овој проблем, но наместо да го решат, направија се што можат да го забранат колективното договарање па дури беа и првата Влада која поништи колективен договор. Да ја поправам вчерашната изјава на Владата бидејќи очигледно го има помешано Синдикатот на УПОЗ со друг Синдикат“, рече Деаноски и потсети дека изминативе три години УПОЗ има организирано три штрајка и најмалку 20 протести.

На вториот ден протести на државната администрација, некои од вработените се пожалија дека има Министерства во кои се вршат притисоци да не се излегува на протест.

„Во неколку министерства да, има притисоци да не се излегува на протест. Моментално не можеме да ги кажеме, но ќе одговориме на тоа до крајот на неделата“, рече Деаноски.

Бранко Костовски, претседател на Синдикална организација при Министерството за култура и туризам на УПОЗ, рече дека платите на 70 проценти од вработените во Министерството за култура се под просечната плата, а разликата со платите на вработените на истите позиции во државните органи кои го добија додатокот на основната плата е 30 проценти. Синдикалната организација при Министерството за култура и туризам пред повее од две години има изработено предлог-текст на колективен договор кој предвидува објективно и коректно покачување на платите на вработените во висина од 30 %, исто како и покачувањето за вработените во Министерството за финансии, Министерството за одбрана, Генерлниот секретаријат на Владата, СОЗР, УЈП, Царинска управа, државна администрација при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ . Ние го поздравуваме покачувањето на платите на нашите колеги од останатите државни органи, но истовремено бараме од министерот за финансии, Владата и премиерот да не дозволат нерамноправен третман на вработените во државните органи“, рече Костовски.

На протести за 30 отсто поголема плата и потпишување колективни договори излегуваат вработените од Министерството за животна средина и просторно планирање, Министерството за дигитална трансформација, Министерството за земјоделство, Министерството за правда, Министерството за култура и туризам, Министерството за економија и труд, Министерството за транспорт, Државниот завод за статистика и Државниот архив. В петок најавија дека ќе протестираат пред Министерството за финанси.

 

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK