Парите со кои државата го помага исплаќањето на пензиите за две децении петкратно се зголемиле. „Макфакс“ направи анализа на трошоците направени од државниот буџет со трансферите кон Фондот за пензиско осигурување од 2004 година до денес. Цели дваесет години расте сумата што државата ја префрла оти собраните средства од уплатите за пензиско осигурување од вработените не се доволни да го покријат трошокот.
Во 2004 година, државата го помогнала Фондот со 8,4 милијарди денари. Оваа сума годинава, според официјалните податоци на Министерството за социјална политика, демографија и млади, се искачи на историско највисоко ниво, односно државата ќе ја помогне исплатата на пензиите со 42,7 милијарди денари.
Исклучок од континуираниот раст на трансферот кон Фондот за пензиско осигурување од централниот Буџет се 2019 и 2020 година, кога се бележи мало намалување на процентот на префрлени средства што се должи на зголемувањето на придонесот за пензиско осигурување. Двете години придонесот беше зголемуван за 0,4 отсто и достигна до 18,8 отсто. Токму поради ова намалување, иако незначително, експертите предупредија дека покачувањето на пензиите води кон зголемување на старосната граница за пензионирање и кон зголемување на придонесот за пензиско што го одвојуваат работодавачите за секој вработен. Фондот место да се доближува кон финансиска независност, со новите трошоци се оддалечува.
Поранешната директорка на Фондот за пензиско осигурување Билјана Јовановска вели дека државата законски е обврзана да го помага Фондот до 2035 година поради реформата направена во 2003 година.
„Трансферот на средства од централниот буџет кон Фондот на ПИОМ се предвидени и планирани уште со воведување на двостолбен пензиски систем во 2003 г. кога државата се обврзала да го дополнува буџетот на Фондот, зошто 6% од пензискиот придонес Фондот на ПИОМ го префрла на приватните фондови, а тие се уште немаат обврска да исплаќаат пензии, односно само државниот фонд врши исплата на пензии“, вели Јовановска.
Министерката за финансии Гордана Димитриевска-Кочоска за „Макфакс“ објасни дека линеарното покачување на пензиите од 2.500 денари кое треба да се случи следниот месец, ја зголемило сумата која од Буџетот се префрла на Фондот за пензиско осигурување, но пари се обезбедени за да крајот на годинава. Трошокот на државата за линеарното покачување на пензиите до крајот на 2024 година изнесува 2,5 милијарди денари обезбедени со кратења од проекти во немало соодветна динамика и биле помалку приоритетни. Министерката Димитриевска-Кочоска најави дека средства за уште едно линеарно покачување на пензиите од 2.500 денари ќе се обезбедат со следниот буџет и тоа воопшто нема да и претставува проблем оти целиот буџет ќе го планира нејзиниот тим кој нема да предвиди непродуктивни трошења на државните пари.
Со второто линеарно покачување на пензиите кое треба да се случи во март, минималната пензија, според најавите на Министерството за социјална политика, демографија и млади, ќе се искачи на 18.000 денари. Во јуни годинава, според последните податоци од Фондот за пензиско осигурување, вкупниот број на корисници на пензија во државата е 341.146. Минималната пензија во последните шест месеци изнесува 13.192 денари, а максималната е 80.280 денари.
Повеќе од половина пензионери, односно 209.793 пензионери добиле пензија од 13.192 денари до 22.500 денари пензија. 88.211 пензионери добиле пензии од 22.500 до 36.014 денари, а пензии над оваа сума добиле 43.142 пензионери.
Сојузот на здруженија на пензионерите на Македонија го поздравува покачувањето на пензиите и смета дека е очекувано, но искажува и загриженост за финансиската стабилност на Фондот за пензиско осигурувања.
„Секое усогласување на пензиите е добредојдено за пензионерите, но ние мора да внимаваме и на финансиската одржливост на Фондот за пензиско осигурување кој треба да овозможи редовна исплата на пензиите. Покачувањето на пензиите од 2.500 денари сега и 2.500 денари следната година е сериозно оптоварување. Очекуваме од надлежните институции да објаснат како финансиски ќе се обезбеди редовната исплата на пензиите, да се дефинира карактерот на покачувањето, сега е линеарно но како ќе биде во иднина и се разбира да се донесат неопходните законски измени кои ќе ја овозможат исплатата“, вели Станка Трајкова, претседателка на Сојузот на здруженија на пензионерите на Македонија.
Таа нагласи дека за линеарното покачување Сојузот воопшто не бил консултиран, ниту пак прашан за предлози и мислење.
Линеарното покачување на пензиите дел од програмата на Владата во рамки на подобрувањето на стандардот на пензионерите. Во делот „Посветена грижа за пензионерите“, е наведено зголемувањето на пензиите за 5000 денари во првата година од мандатот.
„Во таа насока веќе во септември пензионерите ќе добијат покачени пензии, со што минималната пензија која во моментов е 13.192 денари ќе изнесува 15.692 денари, а со покачувањето во март ќе изнесува 18.192 денари“, велат од Министерството за социјална политика, демографија и млади.
Министерството работи и на воведување нов систем за пензии. Наместо актуелниот систем со девет групи на минимална пензија, работат на воведување на еден единствен износ на минимална пензија.
Растечкиот проблем на депопулација, предизвикана од долготрајниот, негативен природен прираст, како и растечкиот број млади и образовани луѓе кои одлучуваат да ја напуштат Македонија, Владата најавува дека институционално и програмски ќе го решава.
„Министерството за социјална политика, демографија и млади како ресорно министерство упати до Владата поставување на нов приоритет – утврдување долгорочна стратешка рамка и политики за демографска обнова со кои ќе се настојува да се задржи постојното ниво на население, значително да се зголеми неговиот потенцијал и да се обезбеди подобар квалитет на живот на младите. Притоа поставени се следниве приоритетни цели: унапредување на системот и политиките на заштита на децата и семејството, предучилишното воспитание и образование, намалување на детската сиромаштија, обезбедување на загарантиран паричен надомест за социјално ранливи категории на семејства, подобрување на младинската инфраструктура, младинското организирање и учество на младите во креирањето на политиките“, велат од Министерството за социјална политика.
Демографската слика на државата најавуваат дека ќе ја подобруваат со поттикнување на наталитетот, намалување и забавување на иселувањето, но и поттикнување на повратни миграции преку механизам за нивна поддршка.
Со овој текст „Макфакс“ се приклучува на иницијативата за зголемена транспарентност на институциите што Институтот за комуникациски студии ја спроведува во соработка со медиумите во рамките на проектот „Користи факти“, кој е поддржан од британската амбасада.