УХМР прогнозира за наредните денови дека следува студен бран со врнежи од снег.
Истовремено, се потсетува дека, согласно временските метеоролошки прилики, со соодветни подготовки согласно дестинацијата се планираат патувањата, а пожелно е да се следат информациите од медиумите за временската состојба и состојбата на патиштата, согласно информациите од надлежните институции и служби.
Конкретно, УХМР прогнозира дека во сабота ќе преовладува променливо облачно време со повремени врнежи од дожд, а на планините и на некои повисоки места од снег.
Во недела времето ќе биде облачно и студено со врнежи кои поради спуштање на постудена воздушна маса со засилен северен ветер во поголем дел од земјава ќе бидат од снег и наместа ќе бидат пообилни. На повеќе места се очекува да се формира снежна покривка, а на планините позначително да се зголеми. Поради ниските температури ќе има појава на голомразица.
Повремен снег ќе има и во понеделник, а потоа ќе преовладува стабилно и студено време со утрински температури кои насекаде ќе бидат негативни, а и дневните наместа ќе останат под нула.
Во Скопје во сабота ќе има повремени врнежи до дожд, а на околните планини од снег. Во недела ќе биде облачно и студено со умерен до засилен северен ветер и со повремени врнежи од снег. Се очекува да се формира помала снежна покривка, ја пренесе Центарот за управување со кризи информацијата на Управата.