Од денеска родителите и децата од Кавадарци и Вардарскиот регион ќе може да се обратат за бесплатна поддршка и советување во канцеларијата на СОС Детско село во Кавадарци.
Свеченото отворање на просториите е дел од проектот „Право на семејство II -Подобрување на пристапноста, достапноста и квалитетот на згрижувањето и услугите во заедницата во Албанија, Ерменија, Белорусија, Северна Македонија и Украина“, кој има за цел да придонесе кон подобрување на пристапноста и квалитетот на услугите за децата и семејствата, како и кон јакнење на системот за поддршка во заедницата.
Иницијативата предводена од СОС Детско село е во соработка со општина Кавадарци, а просториите се наоѓаат во Домот на културата – Кавадарци, на третиот кат. Градоначалникот Митко Јанчев, за време на свеченото отворање, ја истакна важноста на ваквите услуги кои даваат поддршка на семејствата.
„ Исклучително е важно да постојат места каде што родителите и децата ќе можат да добијат стручна поддршка, совет и разбирање. Отворањето на ова советувалиште претставува значајна придобивка не само за граѓаните на Кавадарци, туку и за целиот Вардарски регион. Оваа услуга ќе биде достапна за сите родители и деца на кои им е потребна помош, насока или поддршка во одреден период во нивниот живот. Општина Кавадарци останува цврсто посветена на создавањето подобри услови на децата и семејствата, продолжуваме да поддржуваме иницијативи за подобро ментално здравје, позитивно родителство и благосостојба на нашите граѓани“, истакна Јанчев.
Претседателот на Управниот одбор на СОС Детско село, Александар Трајковски, нагласи дека отворањето на канцеларијата за поддршка и советување претставува значаен чекор кон јакнење на услугите во заедницата.
Националната директорка на СОС Детско село, Јулијана Накова Гапо потсети дека во 25-годишната работа на организацијата особено важни се и партнерствата со локалната власт и заедницата.
„Општина Кавадарци се покажа како многу посветен партнер, односно општина која ја препознава одговорноста за потребата да се грижи за благосостојбата на своите граѓани, а тоа значи да се помогне на оние семејства каде што има потреба и да се превенира пред да настанат последици во рамките на едно биолошко семејство, последици кои би подразбирале потреба од дополнителни комплексни социјални услуги, како и дополнителни човечки и временски ресурси. Со ова советувалиште се надеваме дека ќе понудиме можност за граѓаните, каде што ќе се чувствуваат сигурно и каде што ќе можат да побараат помош и поддршка за себе и за своите деца за да секое семејство биде здраво и функционално, во најдобар интерес за децата“, рече Накова Гапо.
Во рамки на настанот на кој присуствуваа претставници на општините од Вардарскиот регион, на Заводот за социјални дејности – Скопје, на центрите за социјална работа, како и на училиштата и дел од компаниите во регионот беа презентирани придобивките од советувањата за родители и деца, улогата на училиштата во промовирањето на позитивното родителство, како и искуства на корисници на услугите на СОС Детско село. Ученици од Кавадарци преку рецитал и уметнички настапи испратија пораки за важноста на љубовта, разбирањето и сигурноста во растењето на секое дете.
Канцелариите за поддршка и советување на родители и деца работат секој работен ден од 08-16 часот, а заинтересираните може да добијат повеќе информации на телефонскиот број: 078 287 254.