Во „Генералка викенд 2023“ собрани 252 тони отпад, цел за оваа есен е засадување најмалку 1,8 милион дрвца 

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Собрани се 252 тони отпад во третата еко-акција „Генералка викенд“ што од 12 до 14 мај  2023 се одржа на 304 локации во 51 општина и во Националниот парк  Шар Планина. Учествувале 15 811 волонтери, меѓу кои и деца од над 300 училишта и градинки. Во просек, секој волонтер собрал по околу 16 килограми отпад. Акцијата овозможува и пошумување затоа што наместо да заврши на депонија, од отпадот се произведени над 20 илјади садници кои ќе придонесат за почист воздух.

Организаторите на акцијата на прес-конференција соопштија дека се задоволни од рапидниот пораст на учесници во споредба со претходните две години. Според нив, акцијата станува препознатливо движење и заштитен знак за создавање добри навики во постапувањето со отпадот и неговото селектирање.


Годинашната еко-акција „Генералка викенд“ со масовноста ги надминала и нивните очекувања и покажува тренд на зголемена  еколошка свест особено кај младата популација. Учествувале речиси еден процент од вкупното население во државава – од деца во градинки, вработени и работодавци, до пензионери.

Општина Кочани се вклучи во големата национална еко-акција „Генералка викенд“ за собирање и селектирање на отпадот од јавните површини.

Министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова смета дека тоа треба да стане навика и пракса на секој граѓанин во државата затоа што секој од нас, како што рече, има обврска и треба да помогне во овој процес.

Таа ги соопшти резултатите во бројки: од вкупно собраните 252 тони отпад во еден викенд, 6330 килограми се пластика, 6662 килограми хартија, 1915 килограми стакло, 18 192 килограми електронски отпад,  23 670 килограми кабаст  отпад, 140 408 килограми градежен отпад и 55 504 килограми неселектиран, мешан отпад.

-Овие податоци покажуваат дека од вкупно 252 681 килограм отпад, само 55 504 килограми завршија на депонија, а останатото има употребна вредност и ќе се искористи како секундарна суровина. Врз основа на оваа собрана количина на отпад, ќе се засадат нешто повеќе од 25 илјади дрвни насади кои ќе ги обезбедува Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, истакна министерката Шукова.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски ја нарече акцијата „импозантна и благородна“ за чистење на земјата од отпад и соопшти дека меѓу целите за оваа година им е зелената транзиција односно за секои 10 килограми отпад да се засади едно дрвце.  Планот на МЗШВ, рече, е  низ државата да бидат засадени минимум 1,8 милион дрвца – за секој жител во земјава од последниот попис.

-За оваа есен имаме 400 хектари подготвени. Потежок дел од работата е како да ги лоцираме и како тоа стручно да биде направено. Ги мобилизиравме сите стручни капацитети, со цел по неколку години да ги знаеме точните ефекти од ова што го правиме, тоа да не биде популистичка или импровизирачка активност, туку да имаме јасна цел. Ќе продолжиме со поддршка на оваа активност, со онолку дрвца колку што ќе биде потребно на секои десет килограми отпад, рече Николовски.

Општина Охрид се вклучува во големата  еколошка акција „Генералка викенд“ што в сабота ќе се реализира во повеќе градови низ земјата.

За иницијативата, рече, им требаат многу партнери и ги покани сите што сакаат да се вклучат оваа година. Како што соопшти, МЗШВ веќе има произведено 800 илјади садници.

-До есента нашиот план за производство е уште ден милион садници и планот е за секој жител од последниот попис да засадиме едно дрвце низ државата. Еден милион и 800 000 дрвца ни е минимум зададен таргет да ги засадиме.  Работиме на обезбедување површини – по текот на реката Вардар, на сите оголени и опожарени површини итн., додаде Николовски.

Акцијата „Генералка викенд“ беше организирана од Пивара Скопје, Мен енд Маунтен, Пакомак, Нула отпад и Шпаркасе банка АД Скопје.

Душан Митрев, генерален директор на Пивара Скопје, изјави дека се горди што стојат зад оваа иницијатива, заедно со другите партнери, во рамки на глобалната платформа – свет без отпад до 2030 година.

-Резултатите што ги постигнавме годинава ги надминуваат сите очекувања. Позитивните постигнувања од „Генералка викенд“ од година во година укажуваат на растечкки тренд на еколошка свест особено кај помладата популација… Успехот на еко-акцијата отвора можност да придонесеме за пошумување и намалување на емисиите на јаглерод диоксид, што е во насока на нашата глобална цел – да достигнеме нето нула емисии на ЦО2 до 2040 година, рече Митрев.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK