Градоначалничката на Скопје Данела Арсовска на својот фејсбук-профил објави фотографија на која се гледа како седната покрај маса, игра шах со Дедо Мраз.
„Во исчекување на резултатите од истрагата за елката“, напиша Арсовска.
Нејзината објава следува откако за денеска беше најавено дека во Град Скопје ќе влезат инспектори на Финансиската полиција за да ја испитаат набавката за новогодишното украсување на главниот град, кое, предизвика лавина коментари и реакции во јавноста а се отвори и прашањето дали за него бил распишан тендер.
Арсовска минатата недела повеќепати кажа дека за новогодишното украсување имало јавен повик, но не го потврди тоа со документ. Не ја откри ни фирмата која е задолжена за украсувањето. Единствено што кажа е дека годинава китењето на главниот град чини 30 илјади евра, а не 300 илјади евра како претходните години.