Српската амбасада со загриженост реагира на изјавата на заменик-претседателот на Владата, Арбен Фетаи, кој 26-годишнината од вооружената интервенција на силите на НАТО врз Сојузна Република Југославија, ја претстави како историски момент кој го отворил патот кон мир и стабилност во регионот.
Од Амбасадата велат дека изјави од ваква природа длабоко ги повредуваат чувствата на граѓаните на Република Србија, за кои 24 март претставува симбол на големо страдање и почеток на еден од најтрагичните периоди во поновата историја на нивната земја и народ.
„За време на 78-те денови на непрекинато бомбардирање, животот го загубија околу 2.500 цивили, меѓу кои и неколку десетици деца, додека повеќе од 6.000 лица беа повредени. Во текот на агресијата беа уништени мостови, болници, училишта, фабрики и културни добра, а многу семејства ги изгубија своите најблиски, домовите и чувството на сигурност. Сеќавањата на тие настани и страдањата на населението се длабоко врежани во колективната свест на нашиот народ, а болката и последиците од тој период се присутни и денес. Токму затоа, секој обид за релативизирање или позитивна интерпретација на овие случувања се доживува како болно и недолично понижување на жртвите и нивните семејства“, велат од амбасадата.
Додаваат и дека воената интервенција на НАТО во март 1999 година, беше спроведена без одлука на Советот за безбедност на Обединетите нации, и како таква претставува флагрантно кршење на меѓународното јавно право и на принципите врз кои се темели меѓународниот правен поредок.
Амбасадата на Република Србија во Скопје се надева дека во иднина ќе биде земена во предвид сложеноста на ваквите теми при јавни настапи, и изразува оособенза загриженост за, како што велат, лесното и неосновано користење на јазични формулации и правни термини, како што е терминот „геноцид“, чија злоупотреба претставува релативизирање на поимот и навреда за сите вистински жртви на тој најтежок облик на злосторство.
„Произволното користење на вакви сериозни квалификации бара посебна одговорност, аргументираност и внимателност, особено во регион кој низ својата историја претрпел бројни страдања. Во таа насока, ја користиме оваа прилика повторно да укажеме на бројноста и условите во кои живее српската заедница на Косово и Метохија, која подолг временски период се соочува со систематско кршење на основните човекови права, институционален притисок, физички напади, уништување на културното и верското наследство, па дури и со сквернавење на гробни и споменични места — сè со цел да се избрише секој траг од вековното присуство на Србите на овие простори“, велат од амбасадата.
Оттука нагласуваат и дека Република Србија и понатаму останува посветена на негување блиски и пријателски односи со Република Северна Македонија, како и на зачувување на регионалната стабилност и соработка, но истовремено го задржува правото да ја брани вистината за сопствената историја и достоинството на својот народ, кој бројчано најмногу страдал на овие простори во текот на 20 век.
Фетаи претходно напиша дека ја одбележуваме 26-годишнината од воената интервенција на НАТО против некои Југословени, со која завршило страдањето на угнетениот народ на Косово и го запрела геноцидот на режимот на Милошевиќ.
Овој историски момент, напиша Фетаи, го отвори патот кон мирот и стабилноста во нашиот регион. Денес, како горди членки на НАТО, придонесуваме во мировните мисии и работиме кон побезбеден свет. Да продолжиме да се градиме врз темелите на мирот и слободата што беа поставени тогаш, додаде тој во објавата.