Монтираниот случај на Венко Заев и Ленче Ристоска од поранешното СЈО кон ВМРО-ДПМНЕ конечно падна и правдата е задоволена, велат од ВМРО-ДПМНЕ по веста дека Драган Павловиќ – Латас е ослободен од обвинението за случајот „Тотал“ за даночно затајување.
„Политичкиот прогон на поранешната власт на Венко Заев и корумпираното СЈО на чело со Катица Јанева која заврши зад решетки и нејзината партнерка Ленче Ристоска кон ВМРО-ДПМНЕ го доби крајниот епилог. Ленче имаше 7 години да го реши случајот, напротив го затрупа во политички окови. Правдата конечно е задоволена, а се докажа дека овој случај не е ништо повеќе од политички монтиран случај кој своевремено имаше други цели, а тоа беше прогон врз функционери на ВМРО-ДПМНЕ за промена на името“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од таму велат дека „СДС може секојдневно да држи прес-конференции за некаква си контрола на судството, но граѓаните паметат кој беше алфа и омега во судството и кој влијаел и директно посочувал кој да биде прогонуван во судски постапки и тоа ќе остане во колективната меморија на граѓаните“.