Владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ соопшти дека опозициската СДСМ и по 48 часа нема изнесено став за апсењето на венецуелскиот лидер Николас Мадуро, оценувајќи дека со тоа застанала на страната на, како што наведуваат, „соборениот венецуелски диктатор“.
Од ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека молкот на СДСМ ја вбројува партијата меѓу ретките политички субјекти кои, според нив, поддржуваат режим, диктатура и трговија со дрога. Во соопштението се наведува дека досега не бил чуен став ниту од лидерот на СДСМ Венко Филипче, за кого тврдат дека во моментот престојува во зимскиот туристички центар Гармиш-Партенкирхен.
„СДС веројатно под влијание на своите ментори и ПР стратези од северот се стави во групата партии поддржувачи на Мадуро. Сето ова има два вида на објаснување. Или СДС скршна од курсот за стратешко пријателство со САД или причината е многу поедноставна – Зоки Заев и Венко се зафатени со зимски лудории во Гармиш-Партенкирхен каде се на зимски распуст“, се додава во партиското соопштение.