ВМРО-ДПМНЕ го обвинува Филипче дека го поддржувал Заев во матни тендери, СДСМ возвраќа дека паничат и лажaт

mickoski-filipche-VMRO-SDSM.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Нови партиски препукувања утрово помеѓу владејачката ВМРО-ДПМНЕ и опозицискиот СДСМ.


Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека претседателот на социјдемократската партија, Венко Филипче, преку матните тендери во РЕК Битола на експремиерот Зоран Заев, поддржувал поскапа струја за народот.

„Филипче преку матните тендери во РЕК Битола на неговиот ментор Заев, поддржуваше поскапа струја на народот. Матните тендери во РЕК Битола, каде што фирми блиски до Заев испумпуваа десетици милиони евра и 7 години го опустошуваа енергетскиот комбинат, за Филипче не е криминал. Тендерот од 43 милиони евра за ископ на Марковски компани, кој сега веќе е поништен од новото раководство во РЕК Битола, е само дел од многуте тендери каде што фирми како Јавор Транс и други, блиски до аболицираниот Заев, испумпуваа милиони“, се вели во партиското соопштение.

Како што се додава, Филипче и неговото раководство, не се откажуваат од аболицираниот Зоран Заев, туку напротив, продолжуваат со неговите политики да ја водат партијата.

Социјалдемократите, пак, велат дека во изминатите шест месеци, ВМРО-ДПМНЕ покажало дека освен празни зборови и измислени напади, нема што друго да понуди на граѓаните, а очигледна е нивната паника од целосно новото раководство на СДСМ, кое со Венко Филипче донело нова енергија и јасна визија за напредок.

„За ВМРО-ДПМНЕ, вистинскиот проблем е тоа што во СДСМ има реална промена – нешто што тие очајно се обидуваат да го негираат. Со секојдневни лаги и обвинувања без докази, ВМРО-ДПМНЕ се обидува да го дефокусира народот од сопствената неспособност. Но, граѓаните јасно гледаат дека оваа партија за шест месеци не испорача ништо. Единственото нешто што ВМРО-ДПМНЕ испорача е разочарување“, велат од СДСМ.

Партијата додава дека на граѓаните им е јасно – кога нема резултати, ВМРО-ДПМНЕ прибегнува кон лаги и манипулации. До ВМРО-ДПМНЕ порачаа дека е време е да почнат да работат за граѓаните, а не да се занимаваат со измислени напади врз нив.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK