Членката на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева, денеска на прес-конференција изјави дека партијата најостро го осудува говорот на омраза насочен кон нивната кандидатка за советничка во Советот на Град Скопје, Луна Стефаноска.
„Најостро го осудуваме срамниот, омаловажувачки, говор полн со мизогинија и омраза кој последните денови се шири на социјалните мрежи, насочен кон нашата членка и кандидатка за советничка во Советот на Град Скопје, Луна Стефаноска,“ рече Митева.
Таа додаде дека „овој тип на напади, кои не се аргументирани ниту се базираат на критика за политички ставови или јавни настапи, туку се сведуваат на лични навреди, сексистички коментари и деградација на жената како личност, претставуваат закана не само за слободата на изразување, туку и за достоинството на секоја жена која се бори да биде дел од јавниот и политичкиот живот.“
Митева порача дека жените во политиката секојдневно се соочуваат со пречки, а „кога тие напади доаѓаат во форма на отворен говор на омраза, тогаш тоа е аларм кој не смее да го игнорираме.“
„Ве повикувам сите вас, граѓаните, организациите на женските права, сите политички партии, кандидатите за градоначалници, носителите на советничките листи, Хелсиншкиот комитет и сите граѓански здруженија, кои се борат против дискриминација и говор на омраза, да заземат јасен став и јавно да го осудат ваквиот напад,“ рече таа.
„Ова не е само напад само врз една жена или девојка, ова е напад врз сите оние кои одлучиле да не молчат, да бидат активни и да се борат за промени. Нашата борба против говорот на омраза нема да престане, а поддршката за нашата Луна е безрезервна,“ истакна Митева.
Таа заклучи дека „во време кога како општество треба да градиме толеранција, дијалог и еднаквост, секој ваков случај мора да биде јавно осуден и институционално санкциониран.“