Власта да го прифати нашиот предлог за укинување на ДДВ на храната, порача СДСМ

market-so-logo.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Податоците кои ги објави Државниот завод за статистика покажуваат дека цените на мало во месец октомври, кога се спроведуваше владината мерка, се „намалиле“ за само 0.1 отсто, велат утрово од СДСМ од каде порачаа дека власта треба да  го прифати нивниот предлог за укинување на ДДВ на храната.


„Се потврди тоа што СДСМ го говореше и што граѓаните го чувствуваат секој ден – нема намалување на цените во маркетите. Дебакл на мерките на владата кои се покажа дека немаа никаков ефект и не дадоа резултат. Затоа, Владата на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ политичкиот инает треба да го замени со прифаќање на предлог Законот за укинување на ДДВ на храната на СДСМ, со кој граѓаните реално ќе заштедат до 2.000 денари месечно“, велат од СДСМ.

Од тука додаваат дека пакетот од три мерки и закони на СДСМ ќе значат поголеми плати, помали цени на храна и повеќе пари во џебот на секој граѓанин.

Претходно владејачката партија објави дека нивната пратеничка група нема да го поддржи предлог-законот на СДСМ за изменување и дополнување на Законот за данокот на додадена вредност, со кој се предвидува укинување на ДДВ-то за прехранбените производи, односно од 5% на нула проценти ДДВ, за сите основни производи за исхрана.

Пратеникот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски, пред неколку дена изјави дека лидерот на СДСМ, Венко Филипче, во друштво со економските креатори на Владата на СДСМ од тој период, Фатмир Бетиќи и Димитар Ковачевски, предлага вакво решение иако истите тие луѓе претходно четири пати одбија такво законско решение.

Во Предлог-законот на СДСМ за изменување и дополнување на Законот за данокот на додадена вредност се предвидува укинување на ДДВ-то за прехранбените производи, односно од 5 на нула проценти ДДВ, за сите основни производи за исхрана. Во предлогот се опфатени над 250 категории производи.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK