Фон дер Лајен му ја зеде лагата на Мицкоски за идентитетот – сега намерно разгорува тензии пред средбата во Бугарија, изјави Андреј Жерновски од СДСМ.
„Претседателката на Европската комисија, многу директно, на премиерот Мицкоски му ја кажа вистината во очи. Со таа вистина ја победи лагата којашто ние со години ја слушаме, не само кога беше во опозиција, туку и како премиер, дека претходната влада ги има загрозено, цитирам, идентитетот и јазикот на нашата држава. Напротив, Урсула Фон дер Лајен потврди, многу отворено, дека се зачувани, забетонирани, обезбедени и македонскиот јазик, и македонската култура, и македонскиот идентитет. И со тоа потона лагата на Мицкоски, со којашто, попрецизно кажано, дојде на власт затоа што кажуваше дека сето тоа е загрозено, дека ние сме го изгубиле со Преспанскиот договор, тој идентитет, и дека тој, кога ќе дојде на власт, ќе го коригира сето тоа“, рече Жерновски.
Тој вели дека сега кога станало јасно дека и таа лага на премиерот Мицкоски пропаднала во вода, сосема друго е денеска на масата.
„На масата се реформите, на масата е соработката со Европското обвинителство и на маса се промените на Уставот. Нема нови услови, нема нова преговарачка рамка, нема никакви нови гаранции, како што нè убедуваа“, рече Жерновски.
Тој вели дека сега сме сведоци, за жал, како што рече, на една стратегија на поткопување на целата оваа состојба, целата атмосфера околу средбата којашто треба да се случи со нашиот источен сосед.
„Уште пред да се случи таа средба, гледаме стратегија на поткопување на таа средба. Премиерот Мицкоски, сега ќе не тера да размислуваме и да зборуваме само за она што се случувало во минатото. Ќе нè тера да гледаме назад, не да гледаме напред. Ќе нè тера да зборуваме за минатото, а не да зборуваме за иднината“, рече Жерновски.
„Она што можеме и директно да го слушаме од самиот Мицкоски, тој вели: ’ние фактички разговараме, не преговараме‘, но ако знаеме дека добрососедските односи се едни од најважните предуслови да се влезе во Европската Унија, тогаш каква е оваа негова стратегија? Какво е ова затворање на вратите кон Европската Унија? Какво е ова затворање на вратите кон нашите соседи и обезбедување, правење на атмосфера тие средби и тие разговори да пропаднат уште пред да се случат“, додаде тој.
Ние како партија, како СДСМ, рече Жерновски, не ја оспоруваме историјата, меѓутоа јасно и прецизно кажуваме дека со историјата треба да се занимаваат историчарите.
„Опасно, секогаш било опасно, особено во овој регион, кога политичари ја толкувале историјата. Намерно, се разбира, поради свои лични интереси и лични рејтинзи. Оваа Влада има обврска да обезбеди напредок на државата и, се разбира, да обезбеди европска иднина на нашите граѓани“, рече Жерновски.
Тој обвини дека Мицкоски не сака во Европската Унија, затоа што во Европската Унија постојат правила, прецизни правила на игра и постои Европско обвинителство.
„Ете зошто се плаши од сето тоа Мицкоски, ете зошто ние оценуваме дека оваа средба е веќе поткопана, ете зошто ние оценуваме дека се подготвува посебна атмосфера оваа средба да не успее уште пред да се случи“, рече Жерновски.