Филипче лажеше за мигранти, лажеше дека државата ќе банкротира, лажеше дека е празен Буџетот, лажеше за ИПАРД фондовите, лажеше за Реформската агенда и изјавите на Вајц, Филипче нема за што не излажа. И како за се, веднаш доаѓа демант од релевантните институции, посочи на прес-конференција Бојан Стојаноски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија, вели тој, е најнапредна во Реформската агенда, со најмногу средства доделени од ЕУ во висина од 65,7 милиони евра, пред фронтранерите Албанија со 49 милиони евра и Црна Гора со 44,2 милиони евра.
„Ова е за Јануарскиот извештај, за којшто претседателот Мицкоски истакна дека ќе бидеме први, и тоа така испадна.
Во Република Македонија, оценетите реформи вклучуваат мерки за подобрување на финансирањето на основното и средното образование и мерки за проширување на пристапот до дигиталната инфраструктура и ИТ опрема во училиштата. Од 65,7 милиони евра, 30,6 милиони ќе бидат префрлени во државниот буџет, додека останатите средства се достапни за инвестициски проекти преку Инвестициската рамка за Западен Балкан“.
Според него, доколку се оди според планот, а Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски работи напорно тоа да биде реализирано, Македонија за јуни месец ќе ја удвои сумата и повторно ќе бидеме први во исполнувањето на Реформската агенда.
„Секоја изнесена теза на Филипче се руши како кула од карти. Секоја лага на Филипче се распрснува како меур од сапуница.
Македонија ќе биде лидер во исполнувањето на Реформската агенда, а со тоа ќе бидат искористени и средствата кои се предвидени согласно планот за раст“.