На патот Деве Баир-Крива Паланка, неколку километри пред градот, паднато дрво го препречи коловозот, на кој веќе има натрупано снег. Патници кои на враќање од Бугарија нишле на дрвото за „Макфакс“ велат дека патот е завеан, а предупредувања нема.
„Моравме со автомобилот да преминеме целосно во спротивната насока и да се протнеме за да го продолжиме патот оти десната страна беше целосно затворена од гранки. За среќа не наиде возило од спротивната насока. Целиот пат е завеан. Од Деве Баир до Крива Паланка не сретнавме ниту возила за чистење снег ниту пак некоја друга служба. Полицијата не пресретна на влезот во Крива Палана и не прашаа дали патот е прооден или да го затворат“, велат за „Макфакс“ патници кои вечерва се пробиваа од бугарската граница кон Крива Паланка.
Центарот за управување со кризи вечерва извести дека сообраќајот во на патот Крива Паланка – Деве Баир е во прекин поради паднати дрвја, а екипа од Јавното претпријатие за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта е на терен и работи на расчистување. Од 16:30 часот денес овој патен правец е затворен за тешки товарни возила па на граничниот премин веќе има колона од дваесетина камиони.
Колони возила стоеја заглавени на патот Велес – Скопје поради превртен камион. Сообраќајот кон Скопје се пренасочуваше преку Свети Николе, но од пред половина час затворена за сообраќај насоката Свети Николе Миладиновци поради наноси од снег и мраз на коловозот. Правецот Миладиновци – Свети Николе е прооден, но со отежнато движење.