На официјалната електронска адреса на „Макфакс“ стигнаа видео снимки во врска со инцидентот што се случи пред три недели, а меѓу актуелниот и поранешниот директор на Клиниката за кардиохирургија, Марјан Шокаровски и Сашко Јовев.
На снимките има дообјаснување: „еве како доктор Јовев од Кардиохирургија беше физички нападнат, или всушност тој е напаѓачот“, како и „Јовев е насилник кој се изживува и физички напаѓа вработени“.
Видеата се испратени од испраќач именуван како „incidentotnajovev“.
Во билтенот на МВР беше наведено дека на 18 септември околу 10 утрото е пријавено од страна на Клиниката за кардиохирургија дека вработен во болницата вербално нападнал медицинска сестра, а потоа физички го нападнал директорот, по што ја напуштил болницата и самиот се пријавил во полициска станица.
По инцидентот Јовев за дел од медиумите тврдеше дека отишол во полиција да пријави напад и мобинг врз него, кажувајќи дека завршил со оток на окото, бидејќи Шокаровски замавнал и несакајќи го удрил со лупите што ги носел во моментот.
Јавното обвинителство се уште нема пријава против д-р Јовев. Кардиохирургот Сашко Јовев во јуни годинава беше разрешен од директорската функција на Клиниката за кардиохирургија. Во првичното образложение за таквата одлука, министерот за здравство Фатмир Меџити кажа дека „повеќе нема да има директори кои седат и спијат по пет или десет години и немаат никаков резултат“, но подоцна откри дека Јовев бил разрешен откако по направена инспекција на Кардиохирургија биле констатирани големи злоупотреби.
Разрешениот директор на Кардиологија Сашко Јовев рече дека добил голема поддршка од заменик-министерката Маја Манолева која имала многу состаноци на кои го подржала, а добил поддршка и од СДСМ, но сепак тврди дека разрешувањето не тргнало како политички реваншизам.