Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски денеска, заедно со министерката за труд и социјална политика, Јована Тренчевска имаше новогодишна средба со децата згрижени во мали групни домови од Јавната установа Детски дом „11 Октомври“ во Скопје.
На средбата, премиерот Ковачевски разговараше со децата за предизвиците со кои се соочуваат во училиште, како и во нивното секојдневие, како и за нивните очекувања и планови во годината што следува.
Децата му ги пренесоа на премиерот Ковачевски своите размислувања дека во малите групни домови сите функционираат како едно големо семејство, при што искажаа убави зборови за потребната нега и грижа што ја добиваат во групните домови каде се негуваат семејните вредности.
Премиерот Ковачевски на средбата со децата им подели пригодни новогодишни подароци.
Со процесот на деинституционализација, се овозможи згрижување на децата од Домот „11 Октомври“ во мали групни домови и згрижувачки семејства каде децата имаат достоинствени услови за развој. Со новиот облик на згрижување на децата без родители им се обезбедува пристоен семеен амбиент во кој тие се социјализираат и стекнуваат животни навики.
Преку групните домови се создава и гради средина за правилен раст и развој на децата, како и подготовка на децата за понатамошните фази во животот.