Откако му ги откривме сите скандали на Максим Димитриевски, откако јавно проговоривме за сите сомнежи за коруптивни шеми со парцели и станови, за криминал и лично богатење, градоначалникот на Куманово, сака да не замолчи, изјави Анита Мургашанска – советничка во Советот на град Скопје од СДСМ.
Наместо да даде одговори и отчет пред граѓаните, наместо да одговара, додаде таа, Максим Димитриевски поднел тужба, дека бил навреден и наклеветен.
„Но, замислете, тужбата е за мои говори во Советот на општина Куманово. Димитриевски се плаши од вистината и затоа сака да ја заташка, да ги прикрие злоупотребите и да го замолчи секој што му се спротивставува и јавно му ги обелоденува“, рече Мургашанска.
„Јас како одговорна советничка сум гласот на граѓаните, јавно зборувам за скандалите и сомнежите за криминал на Максим Димитриевски и така и ќе продолжам. Јасно му порачувам дека нема ниту да ме уплаши ниту да ме замолчи“, рече таа.
Мургашанска најави дека СДСМ ќе продолжи да ја разобличува секоја негова злоупотреба и ќе бара институционална реакција од надлежните.
„Мора да се истражи најголемиот коруптивен скандал во општина Куманово со земјиште, во организација на Максим Димитриевски и неговиот кум Драган Митевски. Како Димитриевски и неговиот кум заработиле 350.000 евра? Институциите мора да дадат одговор? Како тоа Димитриевски добил стан од 97 метри квадратни во центарот на Куманово за само 2.500 евра?“, праша таа.