Секој месец повеќе вештачко одржување на оваа власт на ДУИ и СДС ќе значи две работи, прво губење време, второ уште подлабока криза, рече на денешната прес конференција пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Владо Мисајловски.
– Власта се донесе и себе и државата во ќорсокак. Една година лажеа дека ВМРО-ДПМНЕ прифатило уставни измени, за во петокот да стане јасно дека не само што ВМРО-ДПМНЕ не прифатило уставни измени, туку и пратеници од владејачкото мнозинство не поддржуваат промена на Уставот, рече Мисајловски.
Тој додаде дека ДУИ и СДС ќе одат на стратегијата која веќе ја кажаа, одложување на процесот на гласање до последниот ден на оваа влада затоа што знаат дека кога и да ги стават на гласање, веднаш ќе паднат и ќе нема друг избор освен распишување избори, па така оставаат простор за владеење уште некој месец.
Според Мисајловски ова е сосема погрешна стратегија, која можеби е добра за врвот на власта и бизнисмените блиски до нив кои профитираат од ДУИ и од СДС, но е поразителна за народот и за Македонија. Тој повторно повика на избори затоа што Македонија тоне во сите сфери.