СДСМ е подготвен за избори кога и да бидат распишани, со тим, програма и нов Мастер план за Македонија, но нема да биде алиби на Христијан Мицкоски за избори, порача претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, во одогор на новинарско прашање на денешната прес-конференција.
„Не, нема да бидеме алиби. Избори ќе има кога ќе им снема пари за коруптивни тендери. Тоа нив ги интересира, ништо друго“, рече Филипче.
Претседателот на СДСМ потенцираше дека партијата е подготвена и дека секојдневно се подготвува за следните избори, без разлика кога тие ќе се одржат.
„Ние сме секако спремни, се спремаме секојдневно. Ако ме прашувате дали сме спремни, спремни сме со тим, спремни сме со добра програма“, истакна Филипче.
Во текот на следниот месец, како што најави Филипче, СДСМ ќе го презентира и Мастер планот за Македонија, со конкретни чекори, ветувања и механизми преку кои граѓаните ќе можат да ја контролираат нивната реализација.
„Спремни сме со нешто што ќе го презентираме во текот на следниот месец, а се вика Мастер план за Македонија. Мастер план во неколку чекори, пет или шест, во кои што, ако граѓаните ни ја дадат довербата на следните избори, кога и да бидат, да знаат кои се нашите ветувања, кои се контролните механизми, тие ветувања за доброто на граѓаните и на државата да ги имплементираме. Ете, тоа ќе биде нашиот план“, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче.