Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на седница на Националниот совет за евроинтеграции изрази сериозна загриженост поради, како што рече, целосниот застој на европскиот пат на државата и практикувањето на антиевропски манири од страна на актуелната власт.
Филипче оцени дека во речиси половина од мандатот на Владата нема никаков напредок во исполнувањето на европските обврски, ниту пак се работи по забелешките од европските извештаи. Според него, наместо реформи, се практикуваат политики кои ја оддалечуваат државата од Европската Унија, во време кога, како што посочи, геополитичките околности драматично се менуваат, а земји како Украина и Молдавија напредуваат на европскиот пат.
Тој се осврна и на изјавите на хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, кој повикува на политички одлуки за проширување на ЕУ, но, како што рече Филипче, во тие контексти Северна Македонија воопшто не се спомнува, што, според него, укажува дека државата не си ги завршила домашните задачи и не е подготвена за евентуална политичка одлука за прием.
Како клучен проблем, Филипче го посочи немањето политичка волја за спроведување на уставните измени, кои, како што нагласи, се единствениот начин за продолжување на преговорите и отворање на кластерите. Тој оцени дека најавите на Владата за репреговарање или промена на условите не се реализирале и дека станува збор за намерно запирање на европскиот пат на државата.
Филипче истакна дека реформската агенда не се спроведува, наведувајќи дека од 12-те закони што требало да се донесат минатата година, бил донесен само еден – Законот за Судскиот совет – и тоа, според него, со само парцијална имплементација на препораките од Оценската мисија. Според Филипче, ова било обид лажно да се прикаже дека се работи, додека суштински реформи нема.
Во своето обраќање, тој остро реагираше и на, како што ги нарече, отворените проруските ставови во Владата, наведувајќи дека вицепремиер присуствува на состаноци со луѓе блиски до Владимир Путин, без да ги крие тие контакти. Филипче ја спомена и изјавата на вицепремиерот Иван Стоиљковиќ дека Северна Македонија треба да влезе во ЕУ заедно со Србија, оценувајќи дека тоа отвора сериозни политички и безбедносни дилеми за регионот.
Тој оцени дека државата намерно е ставена на маргините на Европската Унија и дека е изложена на отворено проруско влијание, посочувајќи и на, како што рече, сомнителен капитал што влегува во земјата. Како пример го наведе влезот на Алта банка од Србија, за која рече дека била одбиена во земји членки на ЕУ, но дека актуелната власт широко ѝ ги отворила вратите во Северна Македонија.
Филипче реагираше и на, како што оцени, ограничувањето на слободата на говор, наведувајќи дека во Собранието се носат резолуции со кои се ограничува говорот на опозициските политички субјекти, што, според него, претставува антиевропски манир.
Тој зборуваше и за влошувањето на добрососедските односи, посочувајќи ги односите со Грција и Бугарија, оценувајќи дека наместо унапредување, повторно се отвораат затворени прашања заради националистичка и популистичка политика.
Како сериозен проблем, Филипче ја истакна и состојбата со слободата на медиумите, наведувајќи дека голем дел од медиумите, телевизиите и порталите се во директна или индиректна сопственост на луѓе блиски до унгарскиот премиер Виктор Орбан, спомнувајќи го Петер Шац и Адрија медиа група, за кои рече дека со години промовираат антиевропски ставови и ги поддржуваат политиките на Владата.
Во завршницата, Филипче предупреди и на директните економски последици од застојот на европскиот пат, наведувајќи дека со воведувањето на новиот електронски систем на Европската Унија ќе се ограничи движењето на македонските превозници. Тој се повика на изјавите на Александар Николоски, кој предупредил дека тоа може да доведе до крах на економијата, имајќи предвид дека над 60 до 70 проценти од извозот и увозот на земјата е поврзан со држави членки на ЕУ.
Според Филипче, цената на ваквите политики, како и досега, ќе ја платат граѓаните и стопанството.