(Видео) „Ер трактори“ и хеликоптери од Турција, Словенија, Србија и Црна Гора ќе помогнат во гаснењето на пожарите

serta-pozar-1.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Денеска претпладне од Турција пристигнаа два „ер трактори“ и еден хеликоптер, кои веќе активно работат на терен. Во текот на утрешниот ден ќе пристигнат два хеликоптери од Словенија и по еден хеликоптер од Србија и од Црна Гора кои ќе помогнат во гаснењето на пожарите. Ова беше истаканато по седницата на Управувачкиот комитет за координација на системот за управување со кризи, со која претседаваше министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.



На седницата присуствуваа раководителот на Групата за процена на ризици и опасности Стојанче Ангелов, како и министрите за одбрана Владо Мисајловски и за надворешни работи и трговија Тимчо Муцунски.

На седницата беше утврдена потребата да се активираат меѓународните механизми за обезбедување на помош во воздухоплови, кои ќе се вклучат во гаснењето на пожарите кои деновиве ја зафатија државата. Министрите изразија благодарност до пријателските земји кои ни помагаат во справувањето со огнената стихија.

Претходно премиерот Христијан Мицкоски изрази надеж дека во следните два дена ситуацијата ќе биде целосно под контрола.

На планината Серта, пожарот го гаснат по еден полициски и армиски хеликоптери и турскиот. Се гаси и од земја со значителен број пожарникари, претставници од ловните друштва, месното население и припадниците на Армијата и Единицата за брзо распоредување при МВР.

„Се работи за исклучително тежок терен каде што има бујна вегетација што го отежнува движењето на луѓето по терен така што многу е тешко да се дојде до горливите точки. Во текот на вчерашниот ден, благодарение на припадниците на Армијата, успеавме да изгаснеме неколку критични точки, а помогнаа и припадниците од Единицата за брзо распоредување при МВР. На помош повторно имаме 103 припадника на македонската Армија и 30 припадници од Единицата за брзо распоредување на МВР“, изјави директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов.

ЈП Национални шуми воведе целосна забрана за движење во шумите и шумското земјиште, поради зголемена опасност и превенирање од појава на шумски пожари на отворен простор.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK