12-ти ден од пожарот на Националниот парк Галичица. Во текот на вчерашниот ден во координирана и добро испланирана акција помеѓу општините Охрид и Ресен, Кризниот штаб на Македонија, Дирекцијата за заштита и спасување, ЦУК со директорот Стојанче Ангелов, пристапено е кон спроведување на претходно подготвениот план во кој учествуваа 120 пожарникари на трите фронта во периметар од 10 километри и пет воздухоплови, три ер-трактори на ДЗС и два хеликоптери на МВР, извести раководителот за противпожарна заштита во НП Галичица Ѓуро Јовчески.
Како што информираше Јовчески, во текот на вчерашната акција кај источниот фронт, осигуран е пожарот, ставен е под контрола на двете критични точки.
„Денеска имаме сто пожарникари на земја кои работат, една третина се на тој дел, се обезбедуваат појасите, ги осигуруваат претходните жаришта. Ситуацијата е под контрола, но будно се следи бидејќи превентивно треба да сме претпазливи. Пожарот е на два километри во Албанија и повторно може да ни направи проблем. Вчера меѓународни авиони гасеа и кај нив“, кажа раководителот за противпожарна заштита во НП Галичица Ѓуро Јовчески.
„На северната страна на пожарот, долж градот Охрид, кај куќата на спасителната служба претходно два дена интензивно се работеше на правење појаси, во буката кога дојде појасот го смиривме и пристапено е кон негово ликвидирање. Во моментов се обезбедуваат одредени жаришта и тука немаме проблем. Најголем проблем беше западниот фронт, тој дел се стави под контрола но се уште постојат индиции, на одреден дел има чад и треба да се следи будно. Возможно е во текот на денот со зголемување на температурата да се појават жаришта“, рече Јовчески.
Тој додаде дека е информиран дека е можно да добијат две летала, едно на Преспанско, едно на западниот дел долж Охридското езеро, коишто ќе делуваат до конечно ставање под контрола и целосно ликвидирани на пожарот.
Во 12 дена се слушнаа околу 100 детонации на гранати од големи калибри останати од Прва светска војна, додаде раководителот за противпожарна заштита во НП Галичица Ѓуро Јовчески.