(Видео) Бочварски: Трипуновски им ги скрати парите и субвенциите на земјоделците, бараме оставка


b-bocvarski.webp
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Пратеникот на СДСМ, Благој Бочварски, на денешната собраниска седница за интерпелацијата на министерот за земјоделство Цветан Трипуновски, порача дека по две години владеење на ВМРО, земјоделството е во полоша состојба, а најголемите жртви се земјоделците кои останаа без ветената поддршка.


„ВМРО во програмата ветуваше 180 милиони евра годишно субвенции како директни плаќања кон земјоделците. Но денес во овој сектор речиси нема никакви резултати, напротив назадување во многу сегменти. Реалноста е нешто сосема спротивно од тоа коешто во програмата вие го предвидовте“, истакна Бочварски.

Тој посочи дека наместо ветеното зголемување на субвенциите, Владата предводена од ВМРО ги намалува средствата за земјоделците.

„Со ребалансот во 2025 година буџетот за субвенции е намален од 7,2 милијарди денари на 6,8 милијарди денари, а во буџетот за 2026 година дополнително се намалува на 6,3 милијарди денари. За две години буџетот за субвенции е намален за речиси 1 милијарда денари“, рече Бочварски.

Тој нагласи дека ниту едно од клучните ветувања на ВМРО во земјоделството не се реализирани.

„Од предизборната програма на ВМРО-ДПМНЕ за земјоделство речиси ништо не е реализирано. Ветените 10 откупно-дистрибутивни центри не се започнати, ниту пак ветените четири системи за наводнување. За платформата за земјоделско-прехрамбена дистрибуција во Скопје исто така нема ништо ново“, посочи Бочварски.

Земјоделците се оставени сами на себе, без заштита и со откупни цени кои не ги покриваат ниту производните трошоци.

„Ниту една земјоделска култура нема гарантирана цена. Министерот повеќе пати вети регулиран откуп, но реалните цени се далеку под производствените трошоци“, рече Бочварски.

Тој предупреди и на драматичниот пад на откупните цени кај повеќе земјоделски производи.
„Кај пченицата откупот во 24-та и 25-та година се движеше меѓу 9 и 12 денари за килограм, додека производната цена е околу 20 до 22 денари, што значи дека земјоделците продаваат со загуба“, нагласи Бочварски.

За млекопроизводителите, како што рече, состојбата е уште поалармантна.

„Во делот на млекото најизразена е кризата кај цената на суровото млеко кое паѓаше од 38 денари за литар во 2023 година на 26 денари за литар во 2024 година. Малите фарми добиваат најниска цена и се затвораат“, истакна Бочварски.

Тој потсети и дека се блокирани значајни европски средства наменети за земјоделството.

„Кога програмата вредна 128 милиони евра е суспендирана, кога се блокирани речиси 130 милиони евра средства за земјоделците за проекти, тогаш одговорот е јасен какви политики имаме денеска во земјоделството“, рече Бочварски.

На крајот, Бочварски оцени дека Македонија станува сè позависна од увоз на храна, а трговскиот дефицит во земјоделството расте.

„Ова се бројки, ова се факти и од ова бегање нема. Ова се резултатите од работењето на оваа Влада која ветуваше подобрување на работите во секој сектор“, порача Бочварски.

Поради катастрофалните резултати, намалените субвенции, неисполнетите ветувања, падот на откупните цени, блокираните европски средства и огромното незадоволство кај земјоделците, пратеничката група на СДСМ и коалицијата побара оставка од министерот Цветан Трипуновски.

„Поради сите овие аргументи, пратеничката група на СДСМ и коалицијата бара оставка од министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство“, заклучи Бочварски.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK