За само два месеци, се случија серија скандали на власта предводена од ВМРО-ДПМНЕ, а никој не одговара. Со штитењето на Африм Гаши, паднаа во вода ветувањата на ВМРО ДПМНЕ дека никој нема да биде над законот, рече пратеникот на СДСМ Благој Бочварски, на денешната собраниската седница за интерпелација на претседателот на Собранието, Африм Гаши.
Првиот тежок безбедносен инцидент, се случи на аеродромот во Скопје, на 1. август, во 10.00 часот наутро, кога шефот на обезбедувањето на претседателот на Собранието, на аеродромот нападна вработен на ТАВ кому му се заканувал со репетиран пиштол, за време на извршување на работната задача. Поводот за овој инцидент е затоа што било побарано претседателката на Косово да помине скенер, додаде тој.
Инцидентот се случил пред вратата на ВИП салонот на аеродромот Скопје, кога шефот на обезбедувањето на претседателот на висок тон, каубојски, го турнал наназад со раце полицискиот службеник и заканувајќи се го спречил во извршување на неговите службени дејствија, објасни Бочварски.
Тој потенцираше дека во согласност со законот за воздухопловство и меѓународна законска регулатива, аеродромскиот оператор има законска обврска за спроведување на безбедносен преглед на сите патници, багаж и стоки на летовите од меѓународната аеродром Скопје и Охрид, вклучувајќи ги и патниците кои патуваат преку ВИП салонот.
„Значи шефот на обезбедувањето се ставил над законите. Во својот извештај, МВР констатира дека обезбедувањето било незаконски испратено на аеродромот, со што, одговорноста директно ја насочи кон претседателот на собранието Гаши, кој ја издал наредбата на неговото обезбедување. Овде не СДСМ, туку, МВР констатираше дека надвор од своите надлежности претседателот на Собранието го испратил обезбедувањето на аеродромот. Затоа мора да има политичка одговорност.
Ама овој инцидент не беше единствениот скандал. Се случи скандал и со употреба на службените возила на претседателот на Собранието на свадба во Косово“, додаде тој.
Според него, станува збор за тешка злоупотреба на граничниот премин Блаце и пропуштање на приватни возила и лица без контрола.
„Никој не знае во тие возила што поминало, што се носело преку границата. Класична злоупотреба на граничен премин и прекршување на законите. Без одговорност за ова, се враќа неказнивоста“, рече Бочварски.