Заменик министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски денеска учествуваше на настан во организација на Заедницата на единиците на локалната самоуправа-ЗЕЛС поддржано од UN Women, на тема: „Улогата на локалната самоуправа и предизвиците на давателите на услуги од центрите за поддршка на жртви на родово-базирано насилство“.
Во обраќањето пред присутните Велковски истакна дека родово базираното насилство не познава граници, како и дека тоа е проблем што е сериозен и широко распространет.
„Родово базираното насилство е сериозен проблем кој не познава граници. Начинот на кој се справуваме со него го одредува степенот на уживање на правата на жените. Затоа, Министерството за социјална политика, демографија и млади посветено работи на унапредувањето на системот за справување со родово базираното насилство врз жените и семејното насилство, во соработка со надлежните институции и организации,“ посочи Велковски.
Покрај носењето на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство во кој е рефлектирана Истанбулската конвенција, Велковски се осврна и на работата на подзаконски акти кои се однесуваат на проценката на ризик и управување со ризикот, извршување на итните и привремени мерки за заштита на жртвите и постапувањето на надлежните органи, прибирање на податоци во судовите и јавните обвинителства.
Тој го посочи и значењето на Протоколот за меѓусебна соработка за преземање мерки за превенција, спречување и заштита од насилство врз жени и семејно насилство кој е донесен заради сеопфатно, ефикасно и со должно внимание преземање мерки за превенција, спречување и заштита од насилство врз жени и семејно насилство, во согласност со законските овластувања на сите надлежни субјекти во оваа област. Но и Програмата за реинтеграција на жртви на насилство.
„Во следниот период ќе се фокусираме на изготвување на осумгодишна Национална стратегија за спречување и заштита од насилство врз жени и семејно насилство со Акциски план за спроведување на предвидените мерки и активности од стратегијата,“ кажа Велковски.
Тој ја истакна превенцијата како клучен елемент во борбата против родово-базираното насилство и порача дека само со колективни напори на локално, национално и меѓународно ниво може да се стави крај на родово базирано насилство со цел да се создаде пофер, посигурно и поправедно општество за жените и девојчињата.