Опасноста од пожари на отворен простор е се уште многу висока, предупредува директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов. Во текот на вчерашниот ден имало повеќе од 36 пожари на отворен простор.
Денеска, како што рече, се очекува голема раздвиженост на луѓе и возила и упати апел граѓаните да бидат исклучително внимателни, бидејќи доволна е само искра за да се случи катастрофа.
„Во моментов нема алармантни пожари на територијата на државата. Уште е активен пожарот на месноста Рамно – Скопска Црна Гора, на чие гаснење дејствуваат скопските пожарникари со поддршка на мобилни тимови на дирекцијата. Во моментов пожарот не преставува закана за околните села и објекти.
Покрај овој пожар активен е и пожарот во село Селце и Локов на граница помеѓу Струга и Дебар“.
На гаснење на пожарот, информира Ангелов, се дејствувало цела ноќ.
„Пожарот сега е под делумна контрола но гаснењето го отежнува бујната вегетација. Ниту овој пожар не е закана за околните села ниту останати објекти или манастирите.
Активен е и пожарот во околината на село Белица, Македонски Брод. Вчера попладне постоеше опасност пожарот да навлезе во боровата шума на ловиштето Јасен но со брза реакција на вработените во Јасен и трите ер трактори на ДЗС пожарот е ставен под делумна контрола“.
Утрово дополнителни тимови на ДЗС и пинцгауери појасни Ангелов, биле поставени на линија на пожарот и не дозволуваат негово понатамаошно ширење. Ангелов е оптимист дека во текот на денот ќе биде воспоставена целосна контрола.