Уставниот суд пресече за преспанскиот договор: „Донесен е во согласност со Уставот“

Уставниот-суд-пресече-за-преспанскиот-договор-„Донесен-е-во-согласност.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Уставниот суд одлучи да не поведе постапка за преспанскиот договор, со кој се стави крај на долгогодишниот спор за уставното име на државата меѓу Македонија и Грција.


Уставниот суд оцени дека Законот за ратификација на Договорот е во согласност со Уставот, што значи останува дел од правниот поредок на државата.

По завршувањето на седницата претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска одржа прес конференција на која изнесе дел од аргументите на Судот во оценувањето на оспорените акти, но и одговори на прашања кои беа поставувани во јавноста изминатите години во врска со процедурата и формата на т.н Закон за ратификација на Преспанскиот договор.

Со оглед на тоа што указот беше објавен во „Службен весник“ без потписот на тогашниот претседател Ѓорге Иванов, Кацарска образложи дека во поширок контекст, во духот на Уставот и неговата примена, волјата на пратениците се персонифицира со волјата на граѓаните, наспроти волјата на само еден човек.

„Бидејќи системот на владението на власта во нашата држава е парламентарна демократија, а не монархија, суверенитетот произлегува од граѓаните и им припаѓа на граѓаните и Уставот и законите важат подеднакво за сите па дури и за претседателот кој според членот 51 став 2 е должен да ги почитува. Уставот е многу јасен и не остава простор за манипулации“, рече Кацарска.

Како пример во таа насока, посочи на уставно-судската пракса на овој Суд, од 1996 година кога не се поведе постапка за оценување на уставност на член 1 од Законот за ратификација на Привремената спогодба помеѓу Република Македонија и Република Грција, склучена во Њујорк 1995 година.

Следен аспект кој подлежи на анализа во овој предмет е рокот на потпишување на Указот.

„Можеби некој ќе рече дека во Уставот не е предвиден рок во кој тој требал да го потпише Указот на повторно доставениот закон, но сметам дека тука нема ништо проблематично. Имено, неспорно е дека претседателот на Републиката треба да го потпише Указот во рок од 7 дена, кога прв пат му се доставува законот чијшто рок е предвиден во членот 38 од Законот за Собранието на Република Северна Македонија, а потоа е должен да го потпише. Меѓутоа, тој ја злоупотребил уставната недореченост каде не е пропишан рокот, а од друга страна Републиката презела меѓународни обврски согласно Договорот. Иако му бил оставен подолг период, тој сепак не потпишал, а Указот е објавен без негов потпис. Треба да се цени и фактот дека овој Договор се доставува и до Организацијата на Обединети Нации и потпишан од посредникот, во својство на сведок, Метју Нимиц“, рече Кацарска.

Заклучи дека закон може еднаш да се прогласи, а во конкретниот случај истиот е прогласен. Уставот ја остварил целта, законот е прогласен, рече претседателката на судот.

Следен аспект по којшто Уставниот суд се произнесува е членот 110 од Уставот, а тоа е нашата надлежност за меѓународните договори. Имено, како што образложи Кацарска, Уставниот суд нема надлежност да одлучува за согласноста на меѓународните договори со Уставот, што значи дека нема услови во впуштање во анализа на основаноста на наводите од иницијативите кои се однесуваат на содржината на Спогодбата.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK