Уставниот суд поведе постапка и времено го запре извршувањето на Упатството

USTAVEN SUD
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Уставниот суд денеска одлучи да поведе постапка за оценување на уставноста за Упатството за изменување и дополнување на упатството за начинот на водење, заштита и чување на матичните книги и списи, издавање на изводи, уверенија, преписи и копии врз основа на матичните книги, водење постапка и составување на записник за најдено дете, обновување на уништени, оштетени или исчезнати матични книги, како и за обрасците на матичните книги, регистарот на матичните книги, изводите и уверенијата што се издаваат врз основа на матичните книги, во целост, односно поведена е постапка за оценување на уставноста на  Упатството кое во јавноста е познато како Упатство за водење на матични книги.

На денешната седница одлучено е да се донесе и т.н времена мерка, односно решение со кое се запира  извршувањето на Упатството за обрасците кои веќе се во примена, односно само на изводите од матичната книга за родените, со оглед дека останатите обрасци се со одложена примена од први јануари 2024 година.


Уставниот суд денеска оцени дека со донесувањето на Упатството од страна на министерството за правда е направена повреда на членот 52 став 2 од Уставот, односно не е испочитуван уставниот рок во кој требало да се објави ова Упатство. Заведено со архивски број од 29 мај 2023 година, а објавено на 15 јуни 2023 година, што значи не е испочитуван Уставот и членот 52 во кој се предвидува рок најдоцна за 7 дена.

Важно е да се потенцира значењето на овој основ, бидејќи Уставот не приоѓа на роковите како на техничко прашање, туку на прашање кое длабоко навлегува во уставните гаранции на основните слободи и права, со оглед дека е сместено токму во тој дел од Уставот.

За прашањата во јавноста кои се однесуваат на укинување/поништување на конкретното Упатство, Уставниот суд посочува на внимателност и сериозен пристап кога се коментира за постапките и одлучувањето и особено да се внимава на деловничките одредби кои ги уредуваат фазите на постапката. Согласно ова информираме дека постапката е следна: По оформувањето на предметот по сопствена иницијатива во Уставниот суд се водеше претходна постапка за која се поднесе реферат за денешната седница и согласно членот 23 од Деловникот предложен е начин на решавање на поставеното барање, односно  предложено е поведување на постапка. Во овој момент, согласно членот 27 од Деловникот во сила е решението со кое се запира извршување на поединечните акти од Упатството, кои се однесуваат на обрасците на изводите од матичната книга на родените, се до донесување на конечна одлука. Денешното решение за поведување на постапка ќе биде доставено до доносителот на актот и ќе има можност да се произнесе . Потоа следи фазата од постапката во која се донесува конечна одлука за предметот.

 

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK