Укинување на поделбата на резидентно и нерезидентно население направена со пописот од 2021 година побара денес пратеникот на коалицијата „Европски фронт“ и претседател на движењето „Попули“, Скендер Реџепи. Иницијативата ја достави денес до Уставниот суд и појасни дека поделбата е незаконска и неуставна оти ниту во Уставот ниту во Законот за пописот не е предвидена поделба на граѓаните на резиденти и нерезиденти.
„Апсолутно сметаме дека оваа одлука нема никаква етичка вредност и сметаме дека Уставниот суд треба да го укине ова оти е на штета на сите граѓани. Тука нерезидентни не се само Албанците, сите граѓани во државата се поделени на резиденти и нерезиденти“, рече пратеникот Реџепи.
Тој посочи дека вината за поделбата е на поранешниот директор на Државниот завод за статистика оти при создавањето на методологијата направил поделба на граѓаните на резиденти и нерезиденти и се ставил над Собранието, кое не расправало за ваква поделба.
„Во петтата глава, член 1 и 2, ги поделил граѓаните на резидентни и нерезидентни. Таа поделба ја нема ниту во Уставот ниту во законот и сметаме дека тука се повредени и уставното и законското право. Треба тоа да се поправи. Злоупотребата на ваква поделба денеска ја прави оваа моноетничка, нелегитимна и антиалбанска Влада, која ги категоризира граѓаните, ги дели на резиденти и нерезиденти и соодветно на тоа и бројот на можности за вработување на граѓаните ги оневозможува за оние што се нерезидентни. И поделбата на средствата по општините е направена во согласност со бројот на резидентни граѓани, а не онака како што е реално во пописот“, вели Реџепи.
Одлучил три години по пописот да ја поднесе иницијативата оти сега има граѓани што се вратиле дома, а не може да најдат работа и општините во кои живеат добиваат помалку пари оти имаат помалку жители.
„Зошто сега? Оти сега се чувствува штетата од таквата одлука. Сега гледате граѓани кои во текот на овие две-три години од пописот се вратиле и тука се, меѓутоа бројчено не може да бидат организирани ни при вработување ни при поделба на средствата по општините. Ние сме ги истерале тие граѓани надвор од оваа држава во согласност со тешката економска и социјална состојба и ние треба да придонесеме тие да се вратат, а не да ги поттикнуваме и другите да си одат“, рече Реџепи.
Иницијативата ја поднел како пратеник и претседател на движењето „Попули“. Не се консултирал со партнерите во коалицијата „Европски фронт“, но очекува не само тие туку и политичките партии од другите коалиции да ја поддржат иницијативата оти во прашање е граѓанинот. Го повика Уставниот суд „барем еднаш да донесе правна одлука оти од политички одлуки ни се преку глава“ и да ја стави во мирување поделбата што ја прави Владата со месеци.