Директорот на Државниот пазарен инспекторат, Горан Трајковски во изјава за медиумите рече дека ДПИ спроведува надзори по одлуката на Владата за намалување на одредени производи.
„Во моментов пазарниот инспекторат спроведува надзори по одлуката на Владата, што се однесува на намалување на одредени производи. Нашите надлежности кои произлегуваат од оваа одлука се контрола на цените на производите кои се наведени во одлуката“, појасни Трајковски.
Тоа значи, додаде, дека ако се забележи прекршување на одлуката, ќе се постапува во согласност со Законот за трговија, а казните се во висина од 800 – 10.000 евра, во зависност од големината на субјектот.
Трговците имаат и обврска да ги означат намалените производи со ознаката „гарантирана цена”, која може да ја преземат од веб-страницата на Министерството за економија.
Тој ги повика граѓаните да пријавуваат неправилности во пазарниот инспекторат и на бројот 02 191 кој е достапен за гласовни пораки 24/7. Прехранбени производи од денеска до 30 ноември годинава во маркетите треба да имаат за најмалку 10 отсто пониски цени отколку што се продавале на 1 август. Граѓаните ќе можат да ги препознаат според ознаката „гарантирана цена“.